Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер присуствуваа на презентација на новопристигнатите 29 лесни оклопни возила – JLTV од САД во Касарна „Јане Сандански“ во Општина Штип.
По тој повод, Мицкоски порача дека чувањето на мирот во државата бил негов врвен приоритет, и дека бил убеден дека иако ние сме многу помал партнер споредено со САД, сме значаен партнер, бидејќи партнерствата се граделе и одржувале.
-Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани, нераскинлива алка се разбира од овие амбиции е и македонската Армија.
Благодарност до сите оние коишто се дел од македонската Армија, на војниците, на старешините, на генералите, на началник на Генералштабот, да се заблагодарам на министерот со којшто работиме секојдневно, разговараме што можеме нешто плус да направиме за македонската Армија, да се заблагодарам на амбасадорката на САД којашто секогаш дава поддршка, секогаш е тука кога треба да разговараме во делот на модернизација на македонските вооружени сили и убеден сум дека како стратешки партнери, можеби ние сме во случајот многу помал партнер споредено со САД, но сме значаен партнер бидејќи партнерствата се градат, партнерствата се одржуваат, партнерствата се негуваат и во таа насока ќе продолжиме во годините коишто следат, истакна премиерот, по повод презентацијата на лесните оклопни возила.
Деск

