Со почетокот на гроздоберот во Тиквешијата започнаа и препукувањата помеѓу берачите и лозарите, откако берачите излегоа со нови, повисоки цени за дневница, односно годинава бараат 1.800 денари за шест часа берба, наспроти ланската цена од 1.500 денари. Лозарите пак, инсистираат да остане старата цена, бидејќи како што тврдат, бербата им го носи најголемиот трошок, а со зголемената дневница, тие дури и немале никаква добивка од родот.
-Таа е новата цена, 1.800 денари за берба од пет часот наутро до 11, или пак 1.700 денари плус појадок. Појадокот да биде бурек со месо и јогурт, газдата на лозјето обезбедува превоз до лозјето и назад. Ако им е многу, самите нека си го берат! Се е поскапено, нормално е дека ќе бараме повисоки дневници од лани, за Викимедиа раскажуваат берачи од Тиквешијата, а со тие цени излегоа и берачи кои се дојдени од страна, односно од Штип, Кочани и Струмица, и кои престојуваат во Кавадарци и Неготино во тек на гроздоберот.
Лозарите пак, тврдат дека ова е еден вид на уцена од страна на берачите. Остануваат на цена од 1.500 денари за шест часа берба, и потсетуваат дека дури и тоа е многу, со оглед на цената на гозјето.
-Цените на грозјето, конкретно за најзастапените сорти смедеревка и вранец се тие, 19.10 денари за килограм смедеревка и 21.30 денари за килограм вранец, конкретно во визбата Тиквеш. Значи од еден тон набрана смедеревка се добиваат 19.100 денари. Што мислите, дали еден берач може да набере еден тон грозје за шест часа? Секако дека не, тие се платени од време, не од набрана килажа. За да биде појасно, за десет декари лозје треба да ангажираме најмалку 20 берачи ако сакаме да завршиме во еден ден, односно да искешираме 36.000 денари. Да не ги заборавиме дневниците за товарачите на грозје, парите за превозот на трактористите, а секако и трошоците кои ги имаме во тек на цела година.
На крај излегува дека работиме без добивка, се жалат лозарите, кои тврдат дека остануваат на понудената цена од 1.500 денари за дневница за берачите, па дури и по цена грозјето да им остане на лозјата.
Инаку, според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, годинава се очекувал зголемен принос на винското грозје, некаде над 100 милиони килограми. Министерот Цветан Трипуновски кажа дека цените за откупот годинава биле рекордни, а во наредните години се ќе било уште подобро.
В.К.

