Вчера во Кочани се одржа 18-от Марш на ангелите, на кој семејствата на жртвите во пожарот во таканареченото кабаре Пулс, повторно ги упатија своите пораки за неселективна правда. Истовремено, маршот е повик до институциите за одговорност, транспарентност и спречување на слични трагедии во иднина. Во трагедијата која ја потресе македонската јавност пред пет месеци загинаа 62 млади лица, а над 200 се здобија со физички повреди.
Родителите со фотографиите од своите деца повторно беа во првите редови, а овојпат, на денот кога се навршија пет месеци од трагедијата, во Кочани имаше и граѓани од други градови кои се приклучија на маршот.
Сепак, колективната поддршка од сограѓаните, односно голема масовност на маршовите кои се одржуваат секоја сабота, изостанува, и кочанчани се поделени дури и кога станува збор за најголемата трагедија во поновата историја на земјата.
На вчерашниот марш, во првите редови можеа да се забележат и младинци, со компресивни ракавици, кои биле тешко повредени во пожарот, а кои дошле да ги поддржат семејствата на жртвите.
Една од мајките на жртвите, пред камерата на регионалната телевизија М-Нет ХД, се обрати на јавноста.
-Деца кои се повредени во пожарот, денес се со нас на маршот и не поддржуваат, за разлика од цело Кочани кое што не може да дојде. Кочани спие, кажа мајката, заблагодарувајќи им се за поддршката на повредените младинци кои дошле.
Родителите на маршот истакнаа дека ако нема правда за загинатите деца и младинци, како и за нивните семејства, тие ќе постават шатори пред судот и полицијата, и нема да дозволат никој да влегува.
Маршот се одвиваше по истата маршрута како и претходно, односно од Парк на Револуцијата, кафе Класик, Општина, УЈП, полиција и суд.
В.К.

