140 ученици од основните училишта од Кисела Вода заминаа на седумдневно, целосно бесплатно летување во одморалиштето „Детски радости“ во Св. Стефан, Охрид.
За нивната безбедност и убаво поминато време ќе се грижат наставници, аниматори, рекреатори, како и доктор кој ќе внимава на нивното здравје, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Посочува дека овој проект кој го започнале е значаен чекор кон унапредување на квалитетот на животот на децата од социјално ранливи категории.
-Станува збор за ученици од семејства кои примаат социјална помош, еднородителски семејства или семејства со ниски приходи и со оваа мерка им овозможуваме еднакви можности и радости какви што имаат и нивните врсници.
Продолжуваме со искрен ангажман за успешен развој на најмладите и континуирано подобрување на нивното секојдневие.
А за новата учебна година, повторно обезбедивме ранчиња и училишен прибор за сите првачиња, додека сите основци ќе добијат и бесплатни униформи.
Го продолжуваме и проектот за бесплатни часови по странски јазици, компјутерска технологија и спорт за децата од социјално ранливи категории, извести Ѓорѓиевски.
Деск

