Актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се сретнал со претставници на Здружението за заштита на животните Анима Мунди и волонтери од градот, и разговарале на тема – хумано справување со проблемот на бездомните животни, а со тоа и зголемување на безбедноста на граѓаните.
На средбата биле споделени идеи, со цел Скопје да стане град кој ќе биде пример за хуманост, односно каде секое куче ќе има право на достоинствен живот, а граѓаните ќе се чувствуваат безбедно.
-Имав чест да остварам конструктивна средба со претставници на Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, новинарката Мери Јордановска, Ирена Ристиќ и волонтери од градот Скопје.
Разговаравме на тема која значи комплетна одговорност кон заедницата – хумано справување со проблемот на бездомните животни, а со тоа и зголемување на безбедноста на граѓаните во градот Скопје.
Заеднички беше заклучокот дека преку вистински политики и искрена волја ќе изградиме град во кој животните нема да бидат заборавени, туку безбедно згрижени и заштитени и дека заслужуваме град каде што во целост ќе биде решено ова хуманитарно, но и здравствено, безбедносно и економско прашање, соопшти Ѓорѓиевски.
Додава дека на средбата споделиле и идеи за подобрување на условите во прифатилиштата, за контролирање на популацијата бездомни животни преку чипирање и нивна стерилизација, поттикнување на вдомувањето, едукација и подигање на свеста кај граѓаните за одговорно сопствеништво.
-Само тогаш кога ќе ја разбереме врската меѓу човекот и животното, ќе можеме да живееме во град каде што владеат почит, хармонија и чувство на заедништво.
Верувам дека заедно можеме да создадеме Скопје кое ќе биде пример за хуманост, град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, а секое куче ќе има право на достоинствен живот.
Да градиме иднина во која грижата, љубовта и одговорноста ќе бидат темел на нашето заедништво, порача градоначалникот.
Деск

