Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повод инцидентот кој се случи за време на натпреварот помеѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи, кога родители на гостинската екипа влегоа на теренот и ги нападнаа домашните играчи. Станува збор за млади фудбалери кои имаат по 15 и 16 години, а едно од нападнатите деца завршило со скршеници, односно било сериозно повредено.
-Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осудува инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории (генерации 2009/10) помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегоа на теренот и физички нападнаа дел од домашните играчи.
Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери.
Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот.
ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот.
Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори.
Федерацијата уште еднаш потсетува дека секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран.
Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис.
Нашата заедничка обврска е да создадеме безбедна и позитивна средина за развој на најмладите генерации фудбалери, истакнаа од ФФМ.
Деск

