Никој на овој свет не може да не убеди дека нашата сестра и ќерка Лидија Трајковска сама кренала рака на себе. Јас, нејзината сестра, братот Аце, како и нашите мајка и татко, живееме во агонија и со неодоговорени прашања за нејзината судбина и последните моменти од нејзиниот живот, во разговор за Викимедиа раскажува Билјана Ќириќ, сестра на скопјанката Лидија (43), која исчезна од семејниот дом на осми ноември минатата година, а нејзиното тело беше пронајдено во водите на реката Вардар на 9-ти јануари годинава.
Како што вели сестрата, Лидија била жена која го сакала животот и која никогаш не би му нанела таква болка на семејството. Била приврзана и блиска со сите нив, живеела за своите ќерки, за внучињата, а во периодот кога исчезна го очекувала и раѓањето на уште едно внуче.
-Ја знам Лидија како што се познавам самата себе. Според информациите кои ги добивме, таа наводно самата излегла од дома додека се уште не било разденето, и од тогаш и се изгуби трагот. Но, Лидија никогаш не би излегла сама од дома среде темнина, таа секогаш ја заклучуваше вратата, се плашеше од темнината. И никогаш, ама никогаш не би не скршила сите нас вака, што и да и се случувало, таа не би кренала рака на себе. Првите два месеца, додека се трагаше по неа, сите бевме во шок, а откако се пронајде телото во реката Вардар,кај Зелениково, ние не престануваме да бараме одговори. Родителите, како и јас и брат ми, никогаш нема да поверуваме дека таа сама решила да си го одземе животот, уверени сме дека била фрлена во реката, вели сестрата.
Додава дека телото било однесено на обдукција, но откако таа и нејзиниот брат го виделе, поради состојбата во која било, се сомневале дека дури и обдукцијата ќе може да го даде прецизниот одоговор за причината за смртта.
-Брат ми прв го виде телото, а потоа го видов и јас. Три пати ме прашаа од погребалното претпријатие дали сум сигурна дека сакам да ја видам Лидија. Тоа се слики кои никогаш не се забраваат! Од мојата сестра немаше останато ништо, само скелет! Немаше коса, немаше ништо по два месеца поминати во вода. Токму поради тоа, поради состојбата во која беше, ние се сомневаме дека било која институција во државата може со сигурност да потврди дека таа самата си го одзела животот. Лидија немаше причина за такво нешто, покрај тоа, беше плашлива, ниту самата би тргнала некаде среде ноќ, а уште помалку пак, би се фрлила во реката. Како може да се докаже тоа? Како може да се докаже дека не била можеби турната, фрлена во водата? – прашува сестрата.
И братот на Лидија, Александар, вели дека сака да се расчисти случајот, па ако требало ќе одел и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Додава дека она кое посебно го загрижило е што кога било пронајдено телото, Лидија на себе имала само хеланки, но не и горен дел на облека. Прашува, како е тоа можно?
-Ние не можеме да се совземеме по сето ова кое се случи. Родителите ни овенаа, и не знаеме веќе каде да бараме одговори. Спремни сме да излеземе и на телевизија, не можеме само да се помириме и да веруваме во нешто за кое сме сигурни дека никогаш не би се случило, затоа што Лиде е наша сестра, знаеме дека таа самата не би кренала рака на себе, не би не оставила вака, на ваков начин, ниту нас, ниту пак своите деца, велат сестрата и братот.
Во целата трагедија, велат дека утеха им е тоа што телото било пронајдено, и тоа од страна на случаен минувач, инаку цел живот уште повеќе ќе ги измачувале бројни прашања за судбината на нивната сестра.
-Нашинец кој бил дојден од Австралија, се шетал кај реката во Зелениково, кога го забележал телото во водата. И самиот отпрвин не знаел што гледа, дали станува збор за човек или можеби кукла од некој бутик, бидејќи од Лиде речиси не останало ништо, телото беше распаднато. Повикал полиција, и така барем од таа страна, добивме некоја утеха, дека ја најдовме, дека ја погребавме. Преблагодарни сме му на човекот кој ја најде, добивме можност барем да се простиме со неа.
Но, остануваат прашањата за кои бараме одговори – Како и која институција може со сто процентна сигурност да докаже дека Лидија самата влегла во реката? Како може да се утврди тоа со сто процентна сигурност, кога телото беше во многу, многу лоша состојба? Не сакаме кон никого да вперуваме прст, некого не обвинуваме, единствено трагаме по вистината за нашата сестра и имаме целосно право да дознаеме што се случило со оваа млада жена, која ја изгубивме на само 43 години. Ние, сестрата, братот и родителите на Лидија не се откажуваме од потрагата по одговорите, кои ако треба ќе ги бараме и надвор од нашите граници, истакна Билјана.
По повод случајот, од ОЈО за Викимедиа соопштија дека кај починатата не биле утврдени траги на насилство.
-До Основното јавно обвинителство Скопје е пристигнат целосниот наод од извршената обдукција согласно кој кај починатата не се утврдени траги на насилство. Освен тоа, од целокупниот доказен материјал прибран во предметот не произлегува дека смртта е резултат на кривично дело, истакнаа од обвинителството.
Вики Клинчарова

