Иако поминаа повеќе од пет месеци од трагичниот пожар во дискотеката ,,Пулс” во Кочани, каде на 16-ти март животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 младинци беа повредени, јавноста се уште нема официјални информации околу тоа во каква состојба е и каде се наоѓа сега фронтменот на дуото ДНК, Владимир Блажев – Панчо. Тој беше помеѓу повредените, но до денес нема детали околу тоа дали музичарот се уште е на болничко, или пак е пуштен на домашно лекување.
Според првичните информации во деновите по пожарот, соопштени од Клиничката болница Аџибадем Систина, тој бил во стабилна состојба и вон животна опасност и се наоѓал во единицата за интензивно лекување.
Во периодот кој следуваше потоа, негови колеги, односно соработници од естрадниот свет, во неколку наврати јавно прозбореа за неговата состојба и открија дека е на болничко лекување, но не сакаа да откриваат повеќе детали.
-Тој нема мобилен телефон со него, се имаме слушнато единствено преку мобилниот на неговата сопруга. Знаеме дека по трагедијата беше ставен во медицински индуцирана кома, дека долг период беше хоспитализиран во болницата Систина, а според последната, неофицијална информација, бил префрлен во клиниката Филип Втори. Имаше тешки изгореници на главата и рацете, тоа е се што знаеме. Целата ситуација со него е доста чувствителна, затоа и не сакаме јавно да зборуваме на темата, ни раскажаа негови соработници.
Кога во месец јуни, по тримесечна истрага, обвинителството поднесе обвинение за тешки дела против општата сигурност“ против 34 физички и три правни лица за катастрофалниот пожар во трагедијата во „Пулс“ во Кочани, од обвинителството соопштија дека за Панчо од ДНК има прекин на истрагата додека е на лекување.
Како што тогаш соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција, меѓу обвинетите се и управителот на агенцијата за обезбедување и четири припадници на обезбедувањето, зашто дозволиле во објектот да влезат малолетни лица и зашто не спречиле да биде внесена непријавената пиротехниката од страна на групата „ДНК“.
Кажа дека станувало збор за усно договорен настап, без формален договор, а заради сценските ефекти, била договорена употреба на пиротехнички средства. Пиротехниката била набавена без одоборение, а за пиротехниката обвинет е и синот на сопственикот.
Во пожарот кој е една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија, загинаа 62 лица, над 150 беа со тешки повреди и 50-ина со повреди, а помеѓу загинатите имаше и шест деца. Помеѓу загинатите беше и Андреј Ѓорѓиески од дуото, како и седум лица од тимот на ДНК.
В.К.

