Вест за убиство на 43-годишен кавадарчанец, извршено од повеќе лица кај казино во градот, утринава ја разбуди јавноста.
Настанот се случил денес во 4.56 часот, кога во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез во казино на улица „Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош. Станувало збор за Панче Т.(43), кај кого и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 05:15 часот констатирала смрт.
Поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци. Тие биле приведени и задржани во полициска станица, соопштија од СВР Велес.
-Ова е уште едно сведоштво за тоа како комарот уништува животи! Не само прекинатиот живот на младиот Панче и уништените животи на неговото семејство, уништени се и животите на младите лица кои биле вмешани во оваа трагедија! Срозени се и нивните фамилии, и за жал, казината и после се остануваат насекаде низ градот, достапни на сите, и секако носејќи ги со себе сите последици како за комарџиите, така и за нивните семејства кои страдаат.
Колку вакви случаи има низ земјата, колку убиства поради комар и долгови, па дури и самоубиства, колку тепачки се случуваат годишно? Ние имаме повеќе казина отколку културни установи во секој град, што друго можеме да очекуваме кога се живее во таква средина, раскажуваат за Викимедиа кавадарчани вознемирени од настанот.
Додаваат дека убиениот Панче го очекувал раѓањето на своето второ дете, а по дознавањето на веста, неговата бремена партнерка била донесена во болницата во градот, каде била хоспитализирана.
-Не се жртви само тие кои играат комар, дури уште поголеми жртви во овие случаи се нивните семејства, нивните деца. Во овој случај, уште неродено дете го изгуби таткото!
Гледаме како периодов берачи на грозје одат по цел на лозјата, а потоа од нива право влегуваат во казино. Мачно заработените пари се губат за неколку минути и дома се враќаат со празни раце!
Се случуваат разводи поради коцкање, семејно насилство, тепачки… Децата секаде низ градот гледаат реклами за коцкање, минуваат покрај казнината со атрактивни фотографии на влезовите, и уште од најрана возраст се навлекуваат на овој порок. Во Кавадарци имаме луѓе кои за да си ги спасат своите деца од коцкање, семејно се отселија од Македонија, во своите средни години започнуваат нов живот од почеток во странска земја, само за да ги тргант децата од коцкањето и од сите несреќи кои ги носи зависноста од истото, велат граѓаните потресени од настанот.
За случајот со убиството кај казиното во градот пак, од СВР Велес информираат дека
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото и на надзорните камери од казиното.
Додаваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вики Клинчарова

