Во изминатите пет години (2019–2024), според податоци на МВР, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина за несреќи со смртни последици и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол. Овие бројки не се само статистики – тие се предупредување дека без грижа и дисциплина, секој учесник во сообраќајот може да заврши трагично, објави Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Од таму, се огласија со апел до возачите, родителите и децата за зголемена претпазливост и посветеност кон заедничката цел — безбедноста на учесниците, особено најмладите.
Според податоци од МВР, од 2022 до 2024 година, само во Скопје загинале дури 39 пешаци. Во оваа црна статистика не спаѓаат и лицата кои загинале во сообраќајки како возачи или пак сопатници.
Според извештајот на Државниот завод за ревизија пак, кој беше објавен во април годинава, во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 биле со потешки последици, а загинале 457 лица.
-Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво, наведено е во извештајот на ДЗР.
Понатаму, во извештајот на ДЗР е наведено дека јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата.
-Имено, во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 492 лица. Од таа причина темата за ревизија е значајна за да се оцени дали надлежните институции на ефикасен начин управуваат со системот за безбедноста во сообраќајот на патиштата. Имајќи предвид дека безбедноста на сообраќајот на патиштата е од животна важност за сите граѓани во државата, навремено преземање на мерки и активности од надлежните институции за поттикнување на одговорно и совесно однесување на сите учесници во сообраќајот, не само што ќе обезбеди поефикасно управување со истиот, туку во многу може да влијае и врз подготвеноста на државата како земја кандидат за членство во Европска унија, во наведената област. Владата во соработка со други значајни партнери изготви Рамка за соработка за одржлив развој 2021-2025 која е усогласена со Целите за одржлив развој 2015-20302, националните развојни приоритети, меѓународните човекови права, обврските за родова еднаквост и Агендата 2030. Утврдени се 17 цели и 169 специфични точки за тие цели што треба да се постигнат до 2030 година, пишува во извештајот.
В.К.
Застрашувачки податоци: Дури 771 лице го загубиле животот во Македонија во сообраќајки за само пет години!
3 Mins Read

