Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, го откри името на музичката гостинка која ќе настапи на втората вечер на општинската манифестација Велешка питијада 2025. Станува збор за Северина, која тој ја најави како балканска музичка ѕвезда која ќе биде специјална гостинка и ќе ја одбележи втората фестивалска вечер заедно со велешани.
Вчера пак, Колев соопшти дека на првата вечер на манифестацијата, на 10-ти октомври, ќе настапат децата од ОЈУДГ Мирче Ацев, а по сечењето на џиновската пита следуваат настапите на велешката група Соната, Перо Христов, 2Бона, Куку Леле и Калиопи.
Останува уште јавноста да ги дознае имињата на музичките изведувачи кои ќе настапат последната вечер, односно на 12-ти октомври.
Инаку, веќе неколку години наназад, на неформална група на социјалните мрежи посветена на питијадата, актулени се предлозите од граѓаните, кои музичари би сакале да им гостуваат. Како предлог кој најчесто се спомнува е српскиот пејач Аца Лукас, но и Дино Мерлин и Цеца Ражнатовиќ.
Цеца пак, иако нема да гостува на Питијадата, доаѓа во Велес на први ноември и ќе одржи солистички концерт во салата Гемиџии.
В.К.

