Повеќе од една недела жителите на Неготино се оставени без вода за пиење, бидејќи во истата беше регистрирано присуство на мирис и вкус од непознато потекло, а до кога ќе трае забраната за употреба на водата за пиење, но и за приготвување на храна со неа, се уште нема официјална информација.
Како потсетување, вчера од Центарот за јавно здравје Кавадарци, во разговор за ВИКИМЕДИА, директорот д-р Дарко Котев изјави дека најдоцна до денес (четврток) попладне ќе се знае дали граѓаните ќе можат да ја употребуваат водата.
Но, до крајот на денот, ниту од ЦЈЗ Кавадарци, ниту пак од ЈП Комуналец Неготино не излегоа со детали за јавноста.
Според вчерашната изјава на д-р Котев, од 26 земени мостри за анализа од водата за пиење во Неготино, во една од нив било регистрирано благо покачување на бактерии.
И вчера биле земени мостри за анализа, а резултатите се очекуваа за денес попладне, но граѓаните останаа без потребните одговори.
Голем дел од нив се жалат на стомачни проблеми, но и прашуваат зошто општината не им обезбеди цистерни со питка вода, бидејќи проблемот трае долго време.
Како причина за состојбата беше наведено дека е предизвикана од дефект, кој веќе бил саниран, а дополнително и поради тоа што граѓани кои вареле ракија ги ставале цревата во резервоарите за ладење, па од таму доаѓало до повлекување на водата во градската мрежа.
Првичните информации за неисправната вода, со непријатен мирис и вкус, започнаа да пристигаат од граѓаните уште на 17-ти септември, за да на 18-ти септември наутро од ЈП Комуналец соопштат дека водата е забранета за употреба.
Инаку, забраната е актуелна речиси во цел град, односно на улиците „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември”, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и ,,Антигона“.
В.К.
Повеќе од една недела трае забраната за употреба на водата за пиење во Неготино!
2 Mins Read
Previous ArticleВелешани го бараа Аца Лукас, ќе ја добијат Северина

