Откако маж од неготински Долни Дисан пред два дена беше лишен од слобода, поради основано сомнение дека одзел пари во два наврати од такси возила со кои се превезувал, се огласи и еден од ограбените таксисти.
За ВИКИМЕДИА тој појаснува како се случила кражбата, за која тврди дека била неверојатна, бидејќи се случила во рок од три секунди. Неговиот идентитет е познат на нашата редакција и станува збор за такси возач кој со години превезува патници на релација Кавадарци – Неготино и обратно.
-Во неверување сум од целиот настан. Лицето кое ме ограби, во многу наврати се има возено во моето такси возило и ниту во сон не сум можел да претпоставам дека ова ќе ми го направи. Дента кога бев ограбен, тој беше патник кој седеше на совозачкото место, а пак на задните седишта имав други патници. Кај себе имав поголема сума на пари, бидејќи носев и порачки тој ден, а парите ги подредив така, да најгоре во снопчето ги ставив банкнотите од по десет денари, а во средина големите банкноти, односно оние од по 1.000 и 2.000 денари.
Снопчето стоеше пред мене, над воланот, бидејќи застанувам, враќам кусур, наплатувам. Запрев само на три секунди, луѓето од задните седишта се симнаа, и буквално излегов надвор на три секунди да земам нешто од багажникот. Кога се вратив во возилото, патникот-крадец си седеше мирно на седиштето, парите стоеа на место.
Но, дури откако тој се симна, забележав дека ги нема покрупните банкноти, од средината на снопчето, а ситните пари ги оставил најгоре, за да не приметам. Која вештина било тоа, еве не знам, за толку кратко време, значи секунди беа во прашање, да успееш да ги одделиш и извадиш крупните пари и да ги ставиш во џеб, а веднаш потоа да седиш мирно, како ништо да не било, раскажува таксистот.
Вели дека не знае кој е другиот таксист кој бил ограбен од истото лице, и дека се надева како парите ќе му бидат вратени во целост.
Како што соопштија од СВР Велес за случајот, дел од парите биле најдени и одземени, а против З.К. (31) од Долни Дисан ќе била поднесена соодветна пријава.
В.К.

