Две жени и еден маж во Општина Неготино ќе се борат за градоначалничката фотеља на претстојните Локални избори. Станува збор за Јасминка Ристова (51) од политичката партија Демократи, Марија Нацева (38) од коалиција ВМРО-ДПМНЕ, и Петар Мантев (48) од коалиција СДСМ.
Тројцата кандидати денес седнале во кафуле во центарот на градот и го испиле кафето заедно, како гест на меѓусебна почит, а фотографии од дружбата објави кандидатот Мантев, со порака дека го потпишале Кодексот за фер изборен процес.
-Денес заедно го потпишавме Кодексот за фер изборен процес – затоа што само со чесна и коректна трка можеме да имаме избори во кои сите граѓани ќе се чувствуваат почитувани.
По потпишувањето, со кандидатките и претседателката на ОИК седнавме на кафе – симболичен гест за доверба, фер игра и почит меѓу сите.
Верувам дека со ваков пристап ја градиме културата на фер избори како сограѓани, но и да останеме со почит и по изборите, истакна Мантев.
На Локалните избори ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места. Првиот круг е на 19-ти октомври, вториот на 2-ри ноември, а право на глас на Локалните избори имаат 1.717.803 граѓани во земјава.
Во посебниот извод, пак, регистрирани се 112 илјади избирачи кои се на привремена работа во странство. Над 2.500 регистрирани за гласање се во затворите и старечките домови.
В.К.
Неготинските градоначалнички кандидати го испија кафето и ветија дека ќе играат фер: Да се почитуваме и после изборите!
2 Mins Read
Next Article Голем пожар во центарот на Неготино!

