32 жени се кандидатки за градоначалнички мандат на Локалните избори, наспроти 277 мажи – кандидати за градоначалници.
Најмладата од нив, Светлана Митреска Анџелкоска, има 32 години и е кандидат за Општина Брвеница од редовите на СДСМ и коалицијата.
Највозрасната пак, Марија Мајкиќ, има 79 години и е кандидат за Општина Гази Баба од политичката партија Единствена Македонија.

Општина во која има најмногу кандидатки, односно три, е Прилеп, и тоа група избирачи Павлинче Матеска, СДСМ и коалиција – Петра Лукароска и политичка партија Демократи – Јасминка Стојковска.
Со по две кандидатки се Општина Битола, Општина Велес, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Неготино и Општина Центар.
По една кандидатка има во Босилово, Брвеница, Бутел, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Град Скопје, Демир Капија, Карбинци, Кочани, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Петровец, Пехчево, Струга и Тетово.
Помеѓу кандидатските листи за градоначалници за Локалните избори кои пристигнале, а кои се отфрлени, има само една листа на кандидатка, и тоа на Лидија Ѓорѓевиќ од Македонска ера трета, за Општина Центар.
Кога се партиите во прашање, СДСМ и коалиција имаат најмногу кандидатки, и тоа десет, а пак ВМРО-ДПМНЕ, коалиција Твоја Македонија, имаат три кандидатки. И Демократи имаат три кандидатки, а пак Левица има пет кандидатки.
В.К.

