Со старт на кампања за подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука го одбележува 5 Октомври – Светскиот ден на учителите. Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание, соопштија од МОН.
Во присуство на 100тина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.
Честитајќи им го празникот празник на сите просветни работници, министерката Јаневска им порача дека се исклучително важни во обликувањето на иднината на нашите деца и на државата и токму затоа институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија.
„Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал“, рече Јаневска.
Посочи дека Владата ќе продолжи посветено да ја поддржува наставничката заедница и да отвора нови можности за нивен, но и за развој и напредок на македонскиот образовен систем.
„Ќе потсетам дека во изминатите 15 месеци, платите на наставниците во училиштата пораснаа за 12%, на универзитетските професори за 14%, овозможивме кариерен напредок во звања советник и ментор и на наставниците и на стручните соработници. Спроведовме бројни обуки за професионална надградба и значително ги подобривме условите за работа со вложени над 67 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура“, потенцираше министерката, додавајќи дека ова се политики кои носат просперитет и подобри времиња за наставниците во Македонија и ќе продолжат да се имплементираат и надградуваат.
Освен пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои МОН ќе допре до секој ученик, родител и наставник, а сите заедно ќе го вратиме сјајот и достоинството на најважната професија.
Деск
Со кампањата ,,Магијата е во знаењето” ќе се враќал сјајот и достоинството на наставниците
3 Mins Read

