Во 2023 година јавноста беше пријатно изненадена од веста дека македонска општина подарила плац за изградба на куќа на првороденото бебе во таа година. Станува збор за Општина Зрновци, а бебето Мартин Атанасов се роди во месец октомври.
Со цел да им се пружи конкретна помош на паровите кои планираат проширување на семејството, оваа општина на чело со градоначалникот Борчо Коцев, одвојува парични средства во висина од 5.000 денари за секое новороденче. За случајот со плацот на подарок пак, сега по две години од раѓањето на Мартин, градоначалникот Коцев за ВИКИМЕДИА раскажува дека во Зрновци веќе се чувствува пораст на наталитетот.
-Мартин беше првородено бебе во 2023 година, и тоа дури во месец октомври, значи цели десет месеци во општината се немаше родено бебе. Во Зрновци има околу 2.500 жители, и баравме начин како да помогнеме како локална самоуправа во зголемување на наталитетот.
Малиот Мартин е петто дете во семејството Атанасови, и тој има четири повозрасни братчиња. Освен што му подаривме градежна парцела од околу 500 метри квадратни за изградба на индивидуален дом, веднаш по раѓањето им дадовме на родителите и вредносен ваучер од 50.000 денари за набавка на бебешки продукти, братчињата добија бесплатен престој во градинка, а исто така и тој сега бесплатно посетува градинка. Кога ќе стане полнолетен, ќе може да одлучи дали ќе си изгради дом на градежната парцела. Неговото семејство живее во голема куќа, но децата растат бргу, се надеваме дека плацот ќе им биде од корист, вели Коцев.
Појаснува дека по 2023 година, во Зрновци се родиле многу повеќе бебиња отколку претходните години.
-Во 2024 година имавме 11 новороденчиња, сега во 2025 година имаме пет, а уште четири се на пат и треба да се родат до крајот на годината. Не радуваат тие бројки, ние како локална самоуправа се стремиме да имаме што повеќе новороденчиња, и секако, да најдеме начини и да понудиме услови младите да останат овде, во родното огниште, раскажа градоначалникот.
Инаку, Зрновци се наоѓа јужно од Кочани и е помеѓу најмалите општини во земјава. Во изминатите неколку години таму се надминати голем број на проблеми со водоснабдувањето, изградени се локални патишта и улици, а има и две училишта.
Општината е позната како воздушна бања, односно е една од најмалку загадените во земјата. Минатиот месец таму започна и изградба на Дом за стари лица.
Вики Клинчарова
Откако на новороденчето Мартин општината му подари плац за изградба на куќа, во Зрновци се родиле уште 16 бебиња, а 4 ќе се роделе до крај на годината!
2 Mins Read

