За онлајн купување на евтини производи од Тему, Али експрес и слични платформи, Македонците во првите шест месеци од годината потрошиле 456.3 милиони евра.
Овие податоци доаѓаат од анализите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Огромниот асортиман на евтини производи и бесплатната достава кои ги нудат овие онлајн платформи од Кина ги привлекоа домашните купувачи, и месечно се нарачувале стотици тони стока.
Сепак, според последните најави, по Локалните избори во Собранието на дневен ред за усвојување чека предлог-закон од Владата за измени на Законот за додадена вредност, со кој се планира да се укине ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра.
Тоа би значело лоша вест за љубителите на онлајн купување на евтини производи од странство, бидејќи истите автоматски ќе поскапат за 18 проценти.
Најавата за законските измени, со кои Тему пазарењето нема да биде повеќе ,,багателно” ги налути домашните купувачи. Оваа платформа доживеа голема популарност кај нас и повеќе од една година земјата е преплавена со пакетчиња од Тему, чија достава, дури и на најмали порачки е бесплатна.
-Се друго во земјава е средено, уште евтините производи од Тему останаа да се средат и да поскапат, иронично коментираат граѓаните.
Се укажува и на проблемот со домашното онлајн купување, кога на страници на социјалните мрежи сомнителни трговци нудат широк асортиман на производи, а кој не е законски регулиран.
-Кај нас секој продава се и сешто, се отвораат страници за продажба на Фејсбук, а потоа се бришат, не се одговара на пораки кога ќе се достави сосема друг производ од порачаниот, се блокираат незадоволни купувачи… Првин тој дел во сивата економија кој ни се случува дома треба да се среди.
Со Тему и Али експрес, има простор за рекламации, додека кај нас нелегални продавачи се оставени со години да си прават бизнис со онлајн продажба, реагираат граѓаните.
Инаку, предлогот да се укине ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра следува откако е зголемен трендот на купување од онлајн продавници како Тему, Али експрес, Шејн и слично. Владата го образложува потегот како усогласување со меѓународни практики и затворање на даночната „дупка“ кај ситните пратки, со цел сите увезени производи да носат соодветна даночна обврска.
Деск
Околу 460 милиони евра потрошиле Македонците за пазарење од странски платформи за 6 месеци: Ќе ни стане ли Тему луксуз по изборите?
2 Mins Read

