Утре (вторник) во 9.30 часот пред градскиот пазар во Неготино, средба со граѓани ќе одржи МААК. Покрај носителот на советничката листа на МААК за Општина Неготино, Љубе Темелков, на средбата ќе присуствува и претседателот на партијата, Страшо Ангеловски.
Темелков за ВИКИМЕДИА вели дека средбата симболично ќе се одржи пред новоизградениот затворен пазар во градот, за кој беа одвоени 25,913. 899 денари, односно околу 422.000 евра, средства од општинскиот буџет, а чија изградба и одолговлечено отворање предизвика бројни шпекулации во градот. За наводни неправилности околу изградбата на пазарот, во повеќе наврати јавно укажуваше и кандидатот на МААК.
-Сите граѓани се поканети на средбата на која ќе ја претставам мојата програма. Борбата против криминалот е приоритет, како и отворање на вратите на општината за секој граѓанин, и секако – транспарентност и отчет пред народот за секој потрошен денар од буџетот, вели Темелков.
Додава дека без оглед од која политичка партија ќе биде избраниот градоначалник на Општина Неготино, тој ќе биде негов коректор и будно ќе ги следи сите тендерски постапки. Ветува дека нема да дозволи поедници да се богатат на сметка на народот, и ќе го даде својот максимум градот да оди напред на секое поле.
-Морал, чест, интегритет, достоинство, идеја што трае, тоа е моето мото, вели тој.
Инаку, Темелков со години наназад е познат како гласен граѓански активист, кој има редовни видео обраќања на социјалните мрежи, а во кои укажува на можни злоупотреби од страна на јавните функционери и институции.
В.К.

