Музичарот Владимир Блажев – Панчо (46) од ДНК починал денес, додека беше на болничко лекување во приватна болница, поради повредите здобиени во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
По седум месеци, тој ја изгубил битката, откако пред неколку дена нагло му се влошила состојбата, и неофицијално, неговиот живот згаснал утринава, околу 10.00 часот.
Тој помина седум месеци во болница и за неговата здравствена состојба јавноста немаше многу детали. Како што за ВИКИМЕДИА раскажаа во минатото негови соработници и колеги, имал изгореници на задниот дел на главата и на рацете. Исто така, открија дека тој емоционално многу лошо се чувствувал и немал мобилен телефон кај него, и со него се слушнале на кратко преку мобилниот на неговата сопруга Маја. Веруваа дека ќе се излекува, и пред неколку месеци ни изјавија дека емотивните рани многу потешко ќе му заздрават, отколку физичките.
Панчо е 63-та жртва во катастрофалниот пожар кој изби за време на нивниот настап во Кочани. Од тимот на ДНК починаа девет лица, вокалистот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, Ѓорѓи Ѓорѓиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот на групата, Александар Ефремов, тонецот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо.
Деск

