Александар Додев, кој е креатор на првиот вилиџ фестивал во Општина Неготино – Војшанци вилиџ фест, упати јавен апел до кандидатите за градоначалничка функција во општината. Им порача на само предизборно да ветат, туку и потоа избраниот градоначалник со конкретни мерки да ги поддржи фестивалите во неготинските населени места, кои стануваат се попопуларни помеѓу народот.

-Минатата година за првпат во општината решив да креирам вилиџ фестивал во Војшанци. Со познати музички имиња, со богата забавна програма, настанот помина одлично, со многу гости, и Војшанци, место кое ретко се спомнува во пошироката јавност, доби заслужена промоција. Годинава се одржа второто издание на фестот, кој исто така донесе многу посетители и се покажа како настан што му носи не само промоција, туку и финансиски придобивки на местото. Се продаваа пијалоци, храна, се привлече народ од секаде.
Ме радува што и Дисан, а и Тимјаник започнаа со свои вилиџ фестивали, кои имаат тенденција да станат традиционални. Затоа, сега предизборно, кога од сите страни доаѓаат разни ветувања во интерес на заедницата, апелирам до кандидатите за градоначалници на Неготино, да посветат внимание и на овие настани, да ветат, но и по доаѓање на функција да понудат конкретна поддршка на фестивалите, за ВИКИМЕДИА раскажува Александар Додев.
Појаснува дека организаторите на фестивалите како индивидуи, го даваат својот максимум, но во интерес на сите е да се добие и конкретна општинска поддршка, со цел организацијата да биде на уште повисоко ниво.

-Не станува збор само за Војшанци, Дисан, Тимјаник… Тука се и Пепелиште, Криволак, Црвени Брегови, сите овие места имаат нешто свое да понудат, и секое село заслужува да добие свој централен настан кој ќе стане традиција. Да се промовираат локалните производи, да се привлече народ, затоа што овде живее и млад свет желен за културно-забавни и едукативни содржини.
Апелирам за поддршка од Општина Неготино, но и од Министерството за култура, односно од државниот сектор. Сметам дека ние, организаторите започнавме нешто многу важно, на кое треба да му се даде поттик да продолжи да расте, а за локалното население, овие настани да бидат причина за гордост, порача Додев.
Во Општина Неготино има тројца кандидати за градоначалничка функција на претстојните избори. Станува збор за Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ, Јасминка Ристова од Демократи и Петар Мантев од СДСМ.
Нацева и Мантев на своите официјални Фејсбук страници објавија фотографии од неодамна одржаниот Лоза Фестивал во Тимјаник, и порачаа дека настанот ја има нивната поддршка.
В.К.

