Претседателот на ОО на Движењето ЗНАМ – Неготино, Горан Цветков, до медиумите достави отворено писмо со кое им се обраќа на жителите на Општина Неготино.
Истото го пренесуваме во целост:
-После завчерашните изјави и невистини искажани од член на советничката листа на СДСМ за Здравствен Дом Неготино, должност ми е да ја кажам вистината.
Прво морам да им се извинам на граѓаните на Неготино заради тоа што СДСМ отвори тема во јавноста за институција која не е под ингеренција на локалната власт, и во очај и безидејност се служат со ширење на лаги и невистини. После промена на власта на централно ниво се изврши промена на директорот на Здравствен Дом Неготино.
Ние како коалиционен партнер во владата инсистиравме за директор да биде поставен спосебен и чесен човек. Според приликите изборот падна на др. Љупчо Пасинечки кој важи за еден од најискусните доктори во Здравствен Дом Неготино. Со неговото доаѓање на позицијата директор на Здравствен Дом Неготино се поставија неколку приоритети на институцијата.
Еден од приоритетите беше да се потполнат сите испразнетите места, бидејќи институцијата беше затекната со недостаток на определен кадар и стручни лица. За 2025 година се реализираа сите вработувања, освен 2 за кои во меѓувреме е добиена согласност од Министерството за финансии. Согласноста се однесува на двајца доктори специјалисти кои имаат завршено приватна специјализација и вработувањето ќе се реализира веднаш после изборите.
За 2026 во Здравствен Дом Неготино предвидени се 21 нови вработување од кои неколку се доктори.
Ја користам приликата да споделам една од најдобрите вести за Здравствен Дом Неготино, иако со директорот сакавме веста да ја објавиме после локалните избори од проста причина што тоа не е тема поврзана со локалните избори. Испровоцирани од клеветите и лагите изнесени завчера во јавноста од страна на СДСМ сакаме да објавиме дека на ден 29.09.2025г. од страна на директорот на Здравствен Дом Неготино, Министерството за финансии и претставникот на Светска Банка потпишан е проект за енергетска ефикасност на здравствениот дом.
Овој проект претставува еден од најголемите проекти што ќе се реализира во Неготино во изминатие неколку години. Проектот се состои од целосна реконструкција на Здравствен Дом Неготино на следните делови : Изведба на термоизолациона фасада на целот објект на здравствениот дом, Комплетна замена на старите и дотраени врати и прозори со нови ПВЦ врати и прозори, Реконструкција на поголемиот дел на кровната конструкција, Комплетна промена на внатрешното осветлување, Инсталирање на топлински пумпи како систем за загревање.
Во однос на планираните вработувања во 2026, за првпат во Здравствен Дом Неготино е предвидено да се вработат логопед и дефектолог во оделот за детска превентива. Со нивното вработување ќе им се олесни пристапот до таква услуга на сите жители на општината и граѓаните повеќе нема да мораат да одат низ другите градови во Македонија за таквата услуга.
После сето ова што беше наведено погоре, оставам граѓаните на Неготино самите да проценат каква е моменталната ситуација во здравствениот дом и ги замолувам кандидатите за советници од СДСМ да не шират клевети и лажни вести единствено со цел да си го зголемат личниот рејтинг.
И на крајот сакам да спомнам дека кандидатите за советници на Движењето ЗНАМ – Неготино, кои се луѓе од сите профили, од доктор на науки до пензинери, кои за првпат влегуваат во политика, се луѓе кои во целост ќе стојат исклучиво позади интересите на граѓаните на Општина Неготино. Во нашата програма има проекти за развој низ целата општина и со сите сили ќе се бориме да бидат реализирани до крајот на мандатот. И сосема на крај сакам да изјавам дека Здравствен Дом Неготино нема ниту да се затвара ниту да се спојува со друга здравствена институција, Здравствен Дом Неготино целосно ќе се реконструира и ќе се доекипира со потребниот персонал за поголема функционалност и подобри услуги за сите во Општина Неготино.
Со Почит, Претседател на ОО на Движењето ЗНАМ – Неготино Горан Цветков

