Со нови членови и големи планови за враќање на театарската култура во градот, се обнови Аматерскиот театар ,,Ацо Ѓорчев” од Неготино. Веќе се во тек пробите со новата актерска екипа, која била формирана минатиот месец, а премиерата на првата претстава, комедијата ,,Што виде батлерот” би требало да се одржи на 14-ти ноември годинава.
За ВИКИМЕДИА, деталите за враќањето на неготинскиот аматерски театар ги соопшти Горан Димов, вработен во НУ Центар за култура ,,Ацо Ѓорчев” Неготино.

-Повозрасните генерации од градот со носталгија се сеќаваат на аматерскиот театар кој со децении наназад имаше централно место во културните случувања во Неготино. Се одиграа стотици претстави, но со тек на време, актерската екипа започна да се расформира, бидејќи некој од актерите се отсели, некој замина на студии, сите еден по еден тргнаа по свој пат.
Сакајќи да донесеме нешто ново во општината, дојдовме на идеја пак да се обидеме да формираме актерска група и да му пружиме на сограѓаните нови културно-забавни доживувања. Минатиот месец се објави соопштение до сите кои сакаат да учествуваат во обновувањето на театарот, и верувајте, собирањето на нова екипа не беше ниту малку лесно.
Досега имаме шест членови, се работи за ликови од сите генерации, значи имаме актери кои се добро познати градски луѓе, но и млади генерации кои имаат што да и понудат на публиката. Помеѓу нив имаме познати градски угостители, музичари, ученици…
Пробите течат интензивно, очекуваме кон средина на ноември да се случи премиерата на првата претстава со новата актерска екипа, вели Димов.

Додава дека режисер на претставата е Златко Цветковски, а повикот за нови аматерски актери кои сакаат да се вклучат во театарот е се уште отворен.
-Ги поттикнуваме сите сограѓани, од сите генерации кои имаат желба да станат дел од аматерскиот театар да ни се јават. Нашиот аматерски театар датира од далечната 1936 година, а првата претстава која се одиграла е ,,Јазовец пред суд” во 1939 година, на отворена сцена, пред новоизградениот дом.
Во Центарот за култура, богатите архиви од минатите времиња сведочат за речиси сите одиграни претстави, за сите наши сограѓани кои биле дел од актерските екипи.

Последната претстава, која беше монодрама, се одигра во 2022 година. Сакаме да ја продолжиме традицијата и да го збогатиме културниот живот во градот. Дополнително ќе ја информираме јавноста за сите детали околу најавената премиера и се надеваме дека неготинската публика ќе ја поддржи оваа убава иницијатива, изјави Димов.
Вики Клинчарова

