Откако вчера претседателот на ОО Движењето ЗНАМ Неготино, Горан Цветков, достави отворено писмо до медиумите, во кое им се обраќа на жителите на Општина Неготино, денес отворено писмо до медиумите, како одговор на Цветков, доставија и од ОО СДСМ Неготино.
Истото го пренесуваме во целост:
Почитувани граѓани,
Toa што ВМРО ДПМНЕ ги пушта членови на ЗНАМ да одговраат и да одработуваат за нив и да пишуваат отворени писма како демант на нашата прес конференција посветена на ЈЗУ Здравствен Дом Неготино, само покажува дека ВМРО се крие зад вистинските прашања, не одговара точно и се во голема паника!
Прво, почитувани од ЗНАМ, да ве исправиме, не се потпишува ПРОЕКТ, туку се потпишува ДОГОВОР ЗА ПРОЕКТ….
Во однос на Договорот за проектот за Енергетска Ефикасност во јавниот сектор, кој се спомнува во ова писмо, и кој проект сакате да го најавите спектакуларно дека преку истиот: ќе се изведува термоизолациона фасада на објектот, комплетна замена на старите дотраени врати и прозорци со нови ПВЦ врати и прозори, реконструкција на поголем дел од кровната конструкција, комплетна промена на внатрешното осветлување и уште многу други работи редно е и точно да знаете од каде е и од кога е овој проект!
Ова е уште еден од големите проекти од Владата на СДСМ со кои актуелните гарнитури на Власт и нивните привезоци сакаат да се пофалат и да си ги припишат како свои дела.
Но вистината почитувани граѓани е една и затоа постојат докази!
Договорот помеѓу Министерството за финансии на РСМ како Договорна страна 1 и ЈЗУ Здравствен дом Неготино, како Договорна страна 2, во рамките на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, финансиран согласно Mеѓународниот договор потпишан меѓу РСМ и Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) е потпишан уште во април 2021 година од тогашната директорка на ЈЗУ ,,Здравствен Дом” Неготино.Во истиот јасно е наведено дека ЈЗУ ,,Здравствен дом” Неготино воедно и аплицирал во Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Во истиот тој Договор покрај интервенции од областа на енергетската ефикасност кои се предвидени за ЈЗУ Здравствен Дом во Неготино, планирани се активности за енергетска ефикасност и за ЈЗУ Здравствен Дом Неготино-пункт Долни Дисан и за ЈЗУ Здравствен Дом Неготино- здравствена станица Демир Капија.
Ова се доволно докази кои точно и со факти ја говорат вистината!
Во однос на другите изнесени информации во вашето писмо ќе го потенцираме следново:
Сосема се согласуваме дека ЈЗУ,,Здравствен Дом” е установа која е во надлежност на Министерството за здравство и тука нема ништо спорно.Но ЈЗУ ,,Здравствен Дом “ Неготино работи, постои и ги опслужува граѓаните на општина Неготино и на општина Демир Капија, а нејзиното постоење е токму за тоа, овие наши граѓани, да бидат навремено лекувани, без да трпат дополнителни упатувања за време на викенди и празници за здравствени услуги кои може да бидат завршени во Неготино.
Покрај се, не треба да се заборави дека превентивната здравствена заштита е под надлежност на општината, па тој момент е уште еден мотив плус дека општината треба да води сметка и да планира интензивни програмски активности во соработка со оваа здравствена установа.
Околу новите вработувања, не се сомневаме дека се потребни, но внимавајте тоа да не биде селективно, партиски,туку да биде согласно реалните потреби и да задоволува професионализам пред се, затоа што за здравје и живот се работи!
На крај почитувани од ЗНАМ, не се обидувајте да одработувате за туѓи пусти интереси.Прифатете ја реалноста и кажете ја вистината пред граѓаните! Никому не му оди во прилог секој обид за дезинформација на јавноста, ниту пак собирање на поени кога се работи за здравјето на граѓаните.
За ЈЗУ Здравствен дом Неготино можеме со респект и со почит да говориме, посебно во едно тешко време, време на КОВИД пандемија кога сите граѓани, неселективно, без оглед од каде доаѓаат беа примени и третирани благовремено.
Затоа е нашата реакција дека со здравството и здравствените работници не треба да се поигруваме, туку кон нив треба да се однесуваме со почит, а ЈЗУ Здравствен дом да остане установа за граѓаните на Општина Неготино и Демир Капија со сиот капацитет и со можност за нејзино проширување, унапредување, а не уназадување!
Со почит
ОО СДСМ Неготино

