Премиерот Христијан Мицкоски доаѓа на митинг во Неготино. Настанот ќе се одржи на 25-ти октомври (сабота) со почеток од 17.45 часот во населбата Саат Кула, а го најавија од ОК ВМРО-ДПМНЕ Неготино. Мицкоски беше во Неготино и на први октомври, кога на градскиот плоштад се одржа митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и тогаш порача дека поддршката за нивната партија ќе значи одење напред и градење иднина.
Во Неготино градоначалник ќе се бира во вториот круг, на втори ноември. Граѓаните ќе избираат помеѓу кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева и кандидатот на СДСМ, Петар Мантев.
Во првиот круг на Локалните избори кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева освои 4.504 гласови, односно 49,08 проценти од гласовите, кандидатот на СДСМ, Петар Мантев освои 3.848 гласови, односно 41,94 проценти од гласовите, а пак кандидатката на Демократи, Јасминка Ристова освои 145 гласови, односно 1,58 проценти од гласовите.
Исто така, според податоци од Државната изборна комисија, во избирачкиот список има 15.920 гласачи, а вкупниот број на избирачи кои гласале на 19-ти октомври е 9.176. Бројот на важечки гласачки ливчиња изнесуваше 8.497, а пак бројот на неважечки гласачки ливчиња е 679.
Речиси седум илјади неготинци не го искористиле своето право на глас и не излегле на гласање во првиот круг, односно заедно со бројката на неважечки ливчиња, повеќе од седум илјади граѓани не учествувале во изборот на градоначалник и советници во општината.
В.К.

