Вчера во ОВР Неготино, 107 мештани од село Криволак, неготинско, со писмо со нивни потписи пријавија дека Љ.Т. од Неготино на социјална мрежа објавил видео, кое е јавно достапно, а во кое изнел невистини и навреди на национална основа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопшти Секторот за внатрешни работи Велес.
Станува збор за случај кој веќе неколку дена ја бранува Општина Неготино, а се однесува на видео обраќање објавено на социјалните мрежи од страна на Љубе Темелков, новоизбраниот советник од редовите на МААК. Во истото тој обвинува за изборен поткуп за кој тврди дека се случувал во неготински села за време на првиот круг на Локалните избори, и во повеќе наврати го користи зборот ѓупци, односно лицата кои ги обвинува дека наводно за пари го продале својот глас, ги нарекува ѓупци.
Веднаш по објавата на видеото следеше лавина од реакции од граѓаните, по што Темелков објави демант, во кој истакнува дека за него зборот ѓупци не бил навреда на етничка основа, туку синоним за нечесен човек, кој не бил упатен до Ромското население, туку до оние лица за кои тврди дека наводно го продале својот глас на изборите.
Веќе неколку денови наназад траат и пријавите во полиција, како кон Темелков од страна на мештани од Криволак, така и од него кон лица од селото.
Имено, на 21-ви октовмри три лица од Криволак го пријавиле Темелков во ОВР Неготино поради видеото, и тој бил повикан на разговор во полицијата, а за случајот бил известен и јавен обвинител.
Истиот ден, од слобода беше лишено и 26-годишно момче од Криволак, кое пак Темелков го пријавил во полиција поради закани преку социјална мрежа.
И на 22-ри октомври тој пријавил дека 57-годишен маж од Криволак му се заканувал во угостителски објект во Неготино, по што со лицето од Криволак бил извршен службен разговор.
Настанот со денови е актуелен во општината и покрена низа на јавни полемики помеѓу граѓаните, кои освен што реагираат поради употребата за зборот ѓупци од страна на новоизбраниот советник, прашуваат и дали навистина во општината се случил изборен поткуп, како што тврди Темелков, и бараат надлежните институции детално да го расчистат случајот.
В.К.
107 жители на Криволак со писмо го пријавиле новоизбраниот советник Темелков во полиција поради навреди на национална основа
2 Mins Read

