Успешна македонска приказна доаѓа од Негорци, а ја објави Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во блог секцијата Македонско најдобро, каде домашни производители и земјоделци раскажуваат за својот пат до успехот.
Станува збор за комапнијата Дием-ГП, за производство и преработка на овошје и зеленчук, која била основана пред три децении.
Браќата Ѓорги и Петар Атанасови, заедно со нивниот татко Димитрије го направиле првиот погон во близина на семејната куќа, со скромен капацитет, со цел наместо само да продаваат свежи земјоделски производи, да направат производ со високо додадена вредност и да се ,,зачува и спакува” вкусот на македонската традиција.
Со многу упорност и работа, семејството Атанасови чекор по чекор одело напред, континуирано вложувајќи во проширување на капацитетите и во подобрувањето на сите производни и продажни процеси.
Денес Дием-ГП е лидер во својата дејност, компанијата брои повеќе од 200 вработени и приходи поголеми од 30.000.000 евра, пишува во блог секцијата Македонско најдобро.
Од компанијата на младите им порачаа среќата и работата да ја најдат и да ја остварат во Македонија, бидејќи со работа може да се постигне се.
-Македонија е земја која што е многу богата со природни убавини и ресурси, но е уште побогата со млади луѓе кои што изобилуваат со креативност, борбеност и со желба за успех. Со напорна работа, може да се постигне сѐ, истакнуваат, додека пак на купувачите им порачаа во нивниот фокус да бидат производите од македонските производители, бидејќи само на тој начин, тие ќе можат да придонесат за македонската економија и ќе прераснат во сериозни компании кои што ќе бидат спремни за светски натпревар.
Деск

