Претставници од над 70 земји денес присуствуваат во Скопје на 14-от Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој. На настанот се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија, а Владата стела цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, и како што вели, но уште поважно, ја градела врската меѓу политиката и визијата.
-Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија.
Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија – тоа е дел од нашата современа борба за независност.
Светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори на енергија. Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање.
Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода. А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство.
Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата.
Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици, истакна Мицкоски.
Деск

