Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски најави нови проекти во Тиквешијата. Станувало збор за изградба на нов експресен пат од десет километри кој ќе ги поврзува Неготино и Кавадарци, во вредност од шест до седум милиони евра, како и нова делница од излезот на автопатот А1 до кружниот тек на ,,Маршал Тито” во должина од 1,54 километри, со вредност од 1,8 милиони евра.
-Како директор на Јавното претпријатие за државни патишта, активно работам на подобрување на инфраструктурното поврзување на Општина Неготино со автопатот А1, како и на регионалната врска со Кавадарци. Заедно со Општина Неготино, започнавме проект за изградба на нова делница од излезот на автопатот А1 до кружниот тек на улица „Маршал Тито“, во должина од 1.54 км и проценета вредност од 1.8 милиони евра, соопшти Трајановски, кој бил на терен со неговиот тим и со градоначалникот на Општина Неготино Горан Стојанов, со секретарот на општината Марија Нацева и општинскиот тим.
-Во тек е постапка за избор на економски оператор за изградба, а градежните активности се очекува да започнат во почетокот на 2026 година.
Оваа делница моментално не ги исполнува основните стандарди за безбедност и ефикасност, а со новата инфраструктура ќе обезбедиме побрз и побезбеден пристап до автопатот, подобра поврзаност со градот и олеснет транспорт на стоки и услуги, што директно ќе влијае на економскиот развој на регионот.
Паралелно, предвидена е и рехабилитација на регионалниот пат Р1103, Неготино- Кавадарци, во должина од околу 10 км, со проценета вредност од 6 до 7 милиони евра, но и изработка на проектна документација во 2026 година за изградба на нов експресен пат што ќе ги поврзува двата града и што ќе значи подобра транспортна поврзаност и економски развој на регионот, со значителни придобивки за локалната и регионалната мобилност, соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.
В.К.
Експресен пат Неготино – Кавадарци за 7 милиони евра и делница од излезот на автопатот до кружниот тек во Неготино за 1,8 милиони евра, најави Коце Трајановски
2 Mins Read

