Од Секјурисат обезбедување вчера излегоа со обвинување дека иако професионално го обезбедувале концертот на Цеца Ражанатовиќ во Крива Паланка, кој се одржа кон крајот на август годинава, се до денес, не им биле платени фактурите за извршената услуга.
На нивната страница на социјалната мрежа Фесјбук, тие објавија дека иако целиот настан поминал во одлична атмосфера, останале неплатените фактури кон нив.

-Оваа година Светлана Цеца Ражњатовиќ го имаше најголемиот концерт во Крива Паланка на 29.08. Концерт кој помина во прекрасна атмосфера, преку 60.000 посетители, целосно обезбедуван од тимот на Секјурисат Обезбедување,ВИП транспорт, бекстејџ, бина, стадион, паркинзи буквално сѐ, настанот заврши без ниту една дамка, задоволството и сеќавањето остана на високо ниво кај сите посетители, кај организаторите, до ден денешен, само кај нас останаа неплатените фактури, објавија од Секјурисат.
Околу тоа за која сума станува збор и во чија надлежност е подмирувањето на долгот кон обезбедувањето, ВИКИМЕДИА го контактираше градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој истакна дека општината ги подмирила сите сметки во врска со настанот, а долгот за кој обвинува Секјурисат бил во надлежност на лицата кои ги држеле шанковите за време на манифестацијата.
-За веродостојност на информацијата, треба да се обратите таму, односно до оние кои ја објавија информацијата. Од страна на Општина Крива Паланка се е подмирено, ни изјави Митковски.
ВИКИМЕДИА испрати прашања и до Секјурисат обезбедување, со цел да добиеме детали за настанот за кој објавија, односно кој и која сума на пари им ја должи, но до објавата на веста не добивме повратен одговор. Веднаш штом добиеме одговор, истиот ќе биде објавен.
В.К.

