Поради закани кон новинарка, упатени преку социјална мрежа, 49-годишен маж заработи кривична пријава, информира Министерството за внатрешни работи.
-СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Р. (49) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.
Тој преку социјална мрежа упатувал закани кон новинарката Љ.В.Т. (34) од Тетово, соопштија од МВР.
Според измените на Кривичниот законик, кои Собранието ги донесе во февруари годинава, напад врз новинар се третира како напад врз службено лице, а со тоа и напаѓачите може да добијат затворска казна.
Исто така, според измените на Кривичниот законик, за закани по живот кон медиумски работници, адвокати и здравствени работници, напаѓачите ќе одговараат со парична казна или со затворска казна до 6 месеци.
А, доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност казната може да достигне и до една година затвор. Во случај насилство да е сторено врз овие лица, тогаш затворската казна изнесува од три месеци до три години.
-Со казната на овој член ќе се казни тој што делото ќе го стори спрема службено лице во вршењето на службата, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или спрема повеќе лица, пишува во измените на Кривичниот законик.
Деск

