Следната година треба заедно да славиме 100 години постоење. Не сум сигурен со сегашнава состојба дали има нешто за славење. Ние управуваме со институција во која енергијата секојдневно се одразува врз животните и посетителите, пишува ЗОО негувателот Војо Иванов, во отворено писмо до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, предлагајќи му да го врати на директорска функција поранешниот прв човек на зоолошката, Ѓорги Галетановски.
Понатаму, во обраќањето, Иванов вели дека сака институцијата да има човек кој ќе ги слуша и ќе ги води, кој ќе има желба да научи за нивната работа, и истовремено да биде добар менаџер.
-Мој предлог е да го вратите Ѓорги Галетановски, затоа што навистина немаме време и капацитети да експериментираме. Тука сме истите луѓе, истиот простор и животни, само таа позиција е различна – покажавме дека од институцијата може да направиме добра приказна, објави ЗОО негувателот.
Во разговор со ВИКИМЕДИА, градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека будно ги следи случувањата во сите институции, и дека во наредниот период постојано ќе биде на терен, а ќе се сретне и со вработените во Зоолошка градина Скопје.
-Овде сум, достапен за соработка во интерес на јавноста, и секако дека ќе остварам средба со вработените во зоолошката. Ќе разговараме и околу предлогот од Иванов, Галетановски пак да биде поставен на директорска функција во ЗОО Скопје, иако не знам дали конкретно од негова страна има интерес за такво нешто, пак да се врати во институцијата. Во секој случај, не само зоолошката, ќе ја посетам секоја една институција за да одблизу се запознаам со условите за работа, и ветувам дека ќе работам за доброто на сите, изјави градоначалникот.
Како потсетување, Ѓорги Галетановски беше на функцијата директор на ЗОО Скопје три и пол години, како дел од тимот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
Успеа рекордно да ја зголеми посетеноста на градината, донесе многу нови животни, отвори Дино Парк, ги среди живеалиштата на животните, ги исчисти езерата и ја направи зоолошката институција за која се пишуваше и во светските медиуми, како за позитивен пример.
Тој поднесе оставка кратко по доаѓањето на Данела Арсовска на чело на Град Скопје, а во периодот потоа, се случија низа на скандали во градината, како заклани коњи, труење на животни, изгубен кандидатски статус поради неисполнување на обврските зададени од Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА), угинување на ретки и загрозени видови на животни, но и поплаки од вработените поради доцнење на платите.
Вики Клинчарова

