Слободен ќе биде влезот за секој посетител на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Летонија, соопшти Фудбалската Федерација на Македонија. Оние пак кои веќе купиле билет, ќе добиеле бесплатна влезница за наредниот натпревар на репрезентацијата.
-Македонската А репрезентација во четврток, 13 ноември, со почеток во 18:00 часот, ќе го одигра последниот домашен натпревар оваа година.
На Националната арена „Тодор Проески“, нашата најдобра селекција ќе одигра контролен натпревар против Летонија.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека влезот за овој натпревар ќе биде слободен за сите навивачи.
Ова е наш начин да изразиме благодарност до сите поддржувачи за нивната безрезервна поддршка во текот на целата година.
Истовремено, сите оние кои веќе купиле влезница за овој натпревар ќе добијат бесплатен билет за следниот домашен натпревар на репрезентацијата, без разлика дали ќе се работи за бараж за пласман на Светското првенство или за натпревар од друг карактер.
Ве покануваме заедно да создадеме уште една убава атмосфера и да им дадеме силна поддршка на нашите фудбалери на последниот натпревар пред домашната публика оваа година и поттик за квалификацискиот меч против Велс во Кардиф, истакнаа од ФФМ.
Деск
Бесплатен влез за сите на натпреварот помеѓу Македонија и Летонија: Ова е начин да се заблагодариме за поддршката, велат од ФФМ
1 Min Read

