На самиот почеток, кога се роди идејата да го обновиме неготинскиот аматерски театар, ниту самиот не знаев што ќе можам да очекувам од проектот. Собравме нова екипа на актери – аматери од градот, и кога за првпат застанаа на бината, ги гледав дури и со една доза на страв. Низ мислите ми минуваа прашањата: Како ќе се покажат, ќе се снајдат ли во улогите, ќе успее ли проектот…
Но, по првите десет минути јас веќе знаев дека ги имаме вистинските луѓе за улогите, за ВИКИМЕДИА раскажува Горан Димов, вработен во НУ Центар за култура ,,Ацо Ѓорчев” Неготино, кој е еден од иницијаторите за враќањето на аматерскиот театар во градот.
Изминативе два месеца оваа актерска група составена од Митко Андоновски, Славица Најдовска, Ѓорѓи Ташулов, Тодор Димов, Марија Пенкова, Благица Ѓошева и Лазе Ѓорѓиев, неуморно одржува секојдневни проби. Покрај нив се и суфлерите Ангела Најдова и Јована Алтанџиева, Боро Ничков кој е задолжен за музиката, шминкерката Дијана Ангелов, фризерката Зорица Богоева, режисерот Златко Цветковски, а Горан Димов бил задолжен за фотографиите и плакатите.
-Од сите нови актери, единствено Ѓорѓи Ташулов имаше претходно сценско искуство. Останатите имале мали улоги своевремено додека биле ученици, во училишни претстави, но сите до еден изненадија со жарот со кој ги носат своите улоги во претставата ,,Што виде батлерот”. Како да биле родени за големата сцена, и само го чекале вистинскиот момент, вели Димов.
Појаснува дека утре (вторник) ќе се одржи првата претпремиера во 19.00 часот, наменета за ученици и пензионери, а за која влезниците се продаваат по цена од 150 денари. Големата премиера пак, ќе се одржи на 25-ти ноември, а влезниците се 200 денари.
Додава дека го радува тоа што имало огромен интерес за претставата, и за наредниот период била планирана и друга претстава, за која дополнително ќе известеле од центарот за култура.
-Иако правилниот термин е аматерски театар и актери – аматери, оваа екипа покажа неверојатна професионалност во секој смисол! Ниту еднаш не се отсуствува од проба, буквално секој ден, дури и за викенди тие се овде, вложувајќи го својот максимум, за да на сограѓаните им понудиме еден вреден проект со кој ќе се збогати културниот живот во Општина Неготино.
Повозрасните генерации се сеќаваат на традицијата која ја имаше неготинскиот аматерски театар низ годините, која за жал периодов беше замрена. Оваа екипа, која го остава срцето на сцената изминативе два месеца, дава голема надеж дека нашиот аматерски театар пак ќе заживее како некогаш и ќе испише убава историја во градот, истакна Димов.
Вики Клинчарова
Не знаев што да очекувам кога застанаа на бината, ама по 10 минути сфатив дека имаме работа со големи актерски таленти, вели Димов за неготинскиот аматерски театар
3 Mins Read

