Група од стотина луѓе, големи обожаватели на музичкиот натпревар Евровизија, бараат Македонија да продолжи со учества на настанот, бидејќи тоа е можност за промоција пред милионска публика, но и манифестација која со децении наназад има своја публика во земјава.
До редакцијата на ВИКИМЕДИА пристигнаа реакции од групата, но и отворено барање до јавниот сервис МРТ, со детално појаснување да излезе пред јавноста и да образложи зошто и наредната година земјата нема да учествува на Евровизија.
Како што е наведено во реакцијата од групата, тие веќе испратиле писмо и до МРТ, но одговор на нивните прашања не добиле.
-Бугарија, Романија и Молдавија се враќаат на Евровизија 2026. Ние сме единствената балканска држава која нема да учествува и покрај тоа што имаме информација дека сме добиле пониска понуда за котизација, а рокот за пријавување е до декември.
Покрај тоа, пејачот Боби Андонов го испратил својот предлог за учество на Евровизија до МРТ во јуни, а од сервисот соопштија дури кон средина на септември.
Јавно, бараме одговор од МРТ, зошто ја испуштиле понудата од ЕБУ со поволностите кои им ги понудиле за учество, прашуваат од групата.
Инаку, на седницата на Програмскиот совет на МРТ, која се одржа кон крајот на октомври, беше истакнато дека ставот на Советот е Македонија да не учествува оваа година.
-Во однос на Евровизија, беше истакнато дека по спроведени детални анализи и разгледување на сите релевантни околности, Програмскиот совет го зема предвид целокупниот контекст со цел да донесе најсоодветно и одговорно решение. Ставот на Советот е Македонија оваа година да не учествува, со цел да се овозможи подготовка на сеопфатна стратегија за учество во 2027 година.
Советот оцени дека Евровизија претставува добра можност за претставување и промоција на земјата, нејзината култура, музичка продукција и изведувачи, но за да се постигне тоа на вистински начин, потребна е јасна стратегија, детална подготовка и соодветна продукциска и финансиска поддршка, наведено е во записникот на МРТ.
Ова е четврти пат земјата да отсуствува од големата музичка сцена. Овојпат, на 70-годишниот јубилеј, ќе бидат присутни сите други балкански земји, освен Македонија.
В.К.
Група на граѓани бараат Македонија да се врати на Евровизија: На 70-от јубилеј ќе учествуваат сите балкански земји, освен нашата!
2 Mins Read

