Пет адвокати ќе го бранат Николчо Илијев на судењето за Пулс, објави денес ТВ Стар. Тој е обвинет за Тешки дела против безбедноста, и беше на функцијата градоначалник на Општина Кочани од 2017 до 2021 година, од редовите на СДСМ.
Покрај него, обвинети се уште двајца градоначалници – Љупчо Папазов и Ратко Димитровски.
Инаку, во јавноста Илијев е познат како бизнисмен, сопственик на текстилната компанија ИНТ од Кочани. Во постаро интервју, по завршувањето на градоначалничкиот мандат, изјави дека никогаш не бил политичар, иако четири години бил градоначалник. Кажа дека тоа била една негова екскурзија, бидејќи сакал да види како ќе функционира.
Денес започна судењето за пожарот во таканаречениот клуб Пулс, каде животот го изгубија 63 младинци и деца, а над 200 беа повредени.
За трагедијата се обвинети три фирми: „МММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, „Рубикон секјурити“ и „Венци проект“ Кочани, и 35 лица – газдата на „Пулс“ Дејан Јованов-Деко, син му Михаил Јованов, Митко Стојанов, Гроздан Милчковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Коцев, Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Мартин Георгиев, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џевад Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сарачини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шевкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Хасапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кизмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, и газдата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев.
В.К.

