Бизнисменот Светозар Јаневски целосно ги купил уделите на своите партнери во „М-6“ ДОО Скопје, фирма која контролира 80 отсто од акциите во винарската визба „Тиквеш“ за 12,7 милиони евра, и со тоа тој има речиси целосна контрола над сопственоста во најголемата винарска визба во Македонија, објави вчера Фактор.мк.
Јаневски, во минатото познат како Свето – Пивара, а денес Свето – Тиквеш, ретко дава интервјуа, но јавноста се сеќава на неговото гостување пред околу 12 години во изданието ,,Патот до успехот,, на ТВ 24 Вести, кога раскажа за своите почетоци.
Тој тогаш откри дека додека бил средношколец растоварал вреќи брашно, и потоа кога дошол во Скопска Пивара, ги спомна скромните почетоци и патот до раководната функција.
По приватизацијата, Пивара беше една од најмоќните компании, а откако го продаде сопственичкиот удел таму, тој преку М6 групацијата ја презеде Винарската визба Тиквеш.
-Во 2003 година направивме трансформација во нашиот професионален живот. Бев решен да продолжам со постојано подобрување. Од тој момент, се посветив на идејата дека боите на оваа земја, нејзиниот народ, неговиот пејсаж, музиката и аромите треба да бидат пресликани и преточени во нашиот македонски производ. Ние во „Тиквеш“ се обидовме во нашите вина да прикажеме сè што нашите сликари и музичари се стремеле да прикажат во нивната уметност.
Во нашите вина може да се почувствува мистериозноста на магливоста и на утринската роса во долината Барово, надреалната тишина на Бела вода и песочните падини и топлото ветре во Лепово.
Доколку успеавме да ги доловиме овие карактеристики и ако навистина можете да ги почувствувате, тоа значи дека сме успеале да ви ги пренесеме нашиот сон и нашата визија, гласи неговата порака, објавена на официјалната страница на винаријата Тиквеш.
Но, освен што е познат по пијалоците, зад Јаневски своевремено стоеше и синџирот на ресторани Мекдоналдс, кој беше затворен во 2013 година, а до денес брендот не е вратен во Македонија.
Пред десет години пак, Јаневски беше добитник на меѓународната награда „Креатори за столетијата“ за животно дело во претприемништвото. Тогаш изјави дека според него, клучен фактор за успех е мотивацијата, како и професионалниот развој.
Годинава Јаневски доби уште една вредна награда од Дирекцијата на Европската независна агенција за избор и промоција на најуспешни бизнис-лидери и компании. Како претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, тој доби Награда за животно дело, а „Тиквеш“ Награда за најкомпанија за 2025 година. Тогаш изјави дека да се води компанија која има 140 години долга историја, за него било чест, но и обврска. Истакна дека истовремено покажале дека традицијата и визијата можат да одат рака под рака – во ритамот на глобалниот пазар.
Инаку, Тиквеш е најнаградувана винарска визба во регионот, со над 800 меѓународни признанија за квалитените вина.
В.К.

