Бади Бекир, своевремено позната естрадна уметничка, а последните петнаесеттина години сопственичка на фризерски салон, почина денес. Нејзини колеги од музичката сцена откриваат дека изминатиот период таа се борела со тешка болест, но сите до последно верувале дека ќе излезе како победник и ќе се излекува.
Инаку Бади беше најактуелна на сцената во деведесеттите години, а често ја нарекуваа македонска Весна Змијанац поради големата физичка сличност со српската пејачка.
Подоцна, заедно со Росана Сариќ, Андријана Алачка и Благица Павловска започнаа да настапуваат како група Четири грации, а се повлече од сцената кога почина мајка и, пред околу 12 години.
Тогаш во интервју ни раскажа дека смртта на мајка и Мери многу силно ја погодила, бидејќи живеела заедно со неа и со сестра и, и секое катче во домот ја потсетувало на неа.
-Иако имаше 76 години кога почина од мозочен удар, за мене тоа беше голем шок. Таа секогаш беше моја најголема поддршка, не само во животот, туку и во кариерата. Нема да ги заборавам моите музички почетоци, кога многумина ме отфрлаа и немаа верба во мене, а таа безрезервно веруваше. На крај се испостави дека имала право, јас сепак станав име во фолк музиката и доживеав многу музички успеси, ни раскажа Бади пред 12 години.
Уште тогаш изјави дека по смртта на мајка и ги откажала планираните музички проекти, бидејќи и било многу тешко. Раскажа дека е среќна што се пронашла во фризерскиот салон и дека добро заработува, бидејќи не била од оние личности кои би настапувале по секоја цена.
Важеше за една од најубавите и најнегуваните жени на нашата фолк естрада.
В.К.
Previous ArticleПожарникарите со полни раце работа: Спасија две лица заглавени во излеана река и куче паднато во длабока шахта
Next Article Започна исплатата на помош на млади земјоделци

