(Ставовите искажани во текстот се лични ставови на соговорникот и не се автоматски ставови на редакцијата на ВИКИМЕДИА)
За време на настапот на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци, тој ја промовирал неговата криптовалута, Токен Лукас. Популарниот трубо фолкер, од пред неколку месеци и на својата страница најави дека преминува во сферата на криптовалути, и дека токенот може да се купи преку сајтот Lukastoken.com.
На официјалната страница е истакнато дека токенот Лукас е ,,Официјален дигитален имот на Аца Лукас, една од најиконските музички легенди на Балканот, создаден за фан-заедницата, колекционери и ентузијасти на крипто”.
За ВИКИМЕДИА, кавадарчанец кој вложил поголема сума на пари и купил Лукас Токен, а кој инсистира да остане анонимен, раскажува дека има голема доверба во финансискиот проект на музичарот, и очекувал голема заработка.
-Јас лично купив од криптовалутата на Лукас, вложив неколку десетици илјади евра, и од она кое досега се случува, има голем раст и ветувачки прогнози. Криптовалутите насекаде функционираат според ист принцип, колку повеќе луѓе купуваат, токлу повеќе им се зголемува вредноста, ако повеќе луѓе започнат да ги продаваат, вредноста им паѓа. Секој кој влегува во овој бизнис, свесен е за ризикот! Всушност, постои ли бизнис без ризик, прашува кавадарчанецот.

Додава дека Лукас неодамна и во Гевгелија на настап ја промовирал својата криптовалута, а во план му било тоа да го направи и ширум Европа, секаде каде настапува.
За Кавадарци, конкретно вели дека додека траел настапот, имало луѓе кои се интересирале и се распрашувале за Токенот Лукас, и во градот веќе поголем број на лица инвестирале во криптовалутата на пејачот.
-Ова не е никаква пирамидална шема, туку тргување со криптовалути, нешто кое го има во цел свет, а кај нас не е забрането. Можеби, уште не е прецизно регулирано со закон, но секако дека не е противзаконски, тврди нашиот соговорник.
Додава дека има безрезервна доверба во проектот и лично во Лукас, бидејќи проценил дека музичарот бил човек кого не го интересираат пари и заработка и не би наштетил некому поради профит, а свои токени имале и голем број на други светски познати музичари.
-Не можам да кажам со сигурност колку пари инвестирале мои сограѓани во овој финансиски проект, но знам дека има лица од Кавадарци кои купиле токени за 1.000, за 5.000 евра, има и такви кои вложиле помали суми. Некои луѓе се подготвени да ризикуваат, ете и јас сум еден од нив, не правам никаков прекршок, и секој има право да одлучува што ќе прави со своите пари. Ова во Кавадарци беше еден вид на почеток на промоцијата на криптовалутата, која ќе биде промовирана насекаде каде Лукас гостува, а со оглед на неговата популарност, верувам дека од целиот регион ќе има луѓе кои ќе инвестираат купувајќи Токен Лукас, раскажа нашиот соговорник од Кавадарци.
Околу законитоста на вложување во криптовалути во странство, на официјалната страница на Народна банка на Република Северна Македонија е истакнато дека во глобални рамки речиси и да не постои регулатива којашто го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна.
-Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано.
Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам, наведено е на страницата на НБРСМ.
Вики Клинчарова

