Пресудата за случајот во кој му се суди за убиство на 43-годишниот Илија Панов од Кавадарци, обвинет за убиството на Сузана Серенакова Сурун (52), ќе биде изречена на втори декември, беше соопштено денес, откако заврши главната расправа во Основниот суд во Кавадарци. Обвинетиот до тогаш останува во притвор.
Овој фемицид кој се случи во Кавадарци помеѓу 20-ти и 22-ри јануари годинава, ја згрози јавноста. Телото на убиената жена беше пронајдено во нејзиниот дом на 22-ри јануари, во спалната соба позади вратата, а наоколу се било расфрано.
Ја пронајде ќерка и, која откако не можела да ја добие на телефон, заминала во нејзиниот стан да провери што се случува.
Како што тогаш ни изјавија наши извори блсики до истагата, во станот на Сузана била вклучена греалка, која била скршена и стоела навалена на една страна, па вистинска среќа било што не се запалила и не пламнала целата зграда во која имало голем број на станари.
Кавадарчани за починатата жена раскажуваа дека од социјален аспект имала доста тежок живот. За Панов пак, раскажуваа дека со години наназад бил нарко зависник.
Како што претходно соопшти обвинителството, Панов при вршење семејно насилство ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Делото го извршил во станот во кој престојувала оштетената на улицата „Ѓуро Салај“ во Кавадарци. Обдукцијата покажала дека тој свесен за своето дело, насилно и ги затворил носот и устата, предизвикувајќи задушување.
За ова дело максималната казна е доживотен затвор.
В.К.

