Малата Лилјана Коцева од Неготино е тивка хероина, која од своето раѓање се соочила со бројни здравствени предизвици. Родена предвремено, со самото доаѓање на свет започнала нејзината битка за живот. Денес, како што раскажува нејзината мајка Наталија за ВИКИМЕДИА, зад неа се веќе четири операции, имала редовни физикални терапии, се со цел да и се подобри движењето. Пред нив следи нов предизвик, уште една операција која треба да биде изведена на клиника во Турција, а со која мајката верува дека нејзиното девојче ќе застане на нозе, ќе нема повеќе болки, и ќе добие поголема самостојност во движењето.

-Лилјана се роди во 29-та гестациска недела, има церебрална парализа, и веќе од девет-месечна возраст започна нејзината битка, кога за првпат заминавме во Еразмо, Охрид, каде останавме подолг период, исполнет со интензивни вежби. Целта беше да и се помогне на Лилјана да се движи самостојно.
Имавме четири операции, продолживме со физикална терапија во Негорци, а и дома доаѓа физиотерапевт, бидејќи тоа е неопходно. Сите терапии, третмани, патувања… се беше целосно на наш трошок, но веќе сме финансиски исцрпени и моравме да побараме помош од заедницата, од пошироката јавност и од сите општествено-одговорни компании, вели мајката.
Додава дека моментално се во процес на собирање на донации, им биле потребни околу 13.000 евра, за да заминат на клиника во Турција, каде ќе биде извршена уште една операција, на колк и на колена, и верува дека после интеревенцијата ќе се подобри мобилноста на ќерка и.
-Лилјана е едно од најпозитивните и најведрите деца! Таа е мирна, и истовремено неверојатно борбена. Иако се соочуваме со церебрална парализа, ќерка ми психички е стабилна, разбира се и има огромна желба за живот! Поминавме низ многу предизвици, последно нешто беше операцијата на раката во август, ја изврши доктор кај кого треба да одиме и за следната операција.
Таа постојано е со телефонот и таблетот во рака, и постојано ме прашува кога ќе и се направи операцијата, бидејќи сака да биде како другите деца, да оди, да трча…
Има голема желба да функционира самостојно, а таа нејзина желба, заедно со силата која ја има и со насмевката која и покрај се, постојано и е на лицето, нам ни е мотив да се бориме, раскажува Наталија.
Појаснува дека од Фондот за здравствено осигурување им било кажано дека истата операција се изведува и во земјава, па затоа и немале право на финансиска помош, а се решиле да заминат на приватна клиника во Турција, поради претходните искуства.
-Во август таму, во Турција, и беше оперирана раката. Еднаш во земјава и беше направена операција на колкот, но повторно и се измести. Токму поради тоа, сакајќи го најдоброто за своето дете, бараме помош од јавноста во собирањето на потребните средства. Дури и да не прооди по операцијата, ако има било какво мало подобрување, ако потоа Лилјана нема да има болки, ако може да започне некои работи да ги прави сама, ние ќе бидеме преблагодарни. Затоа, замолуваме за помош во име на нашата ќерка и веруваме дека хуманоста на нашиот народ уште еднаш ќе се потврди, истакна Коцева.
За Лилјана веќе се собираат донации преку организацијата Павел Андреев. Сите кои се во можност да помогнат, можат да го направат тоа преку донаторските сметки објавени на страницата на организацијата, на следниот линк:
https://pavelandreev.org/mk/campaign/chekor-po-chekor-za-nasmevkata-na-liljana
Вики Клинчарова

