Голем спортски настан ќе се одржи во Неготино во недела, во спортската сала Младост со почеток од 18.00 часот, на иницијатива на ФК Јанг Боис. Како што раскажува за ВИКИМЕДИА еден од организаторите на настанот, Орце Ташев, станува збор за солидарен фудбалски турнир, каде наместо децата фудбалери, ќе играат нивни родители, роднини, пријатели, односно секој граѓанин кој сака да учествува. Средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за малата Лилјана Коцева од Неготино, на која и потребна скапа хируршка интервенција на клиника во Турција.
-Кога во општината имаме наши сограѓани на кои им е потребна помош, сосема разбирливо е дека сите треба да реагираме и да допринесеме на свој начин. Ние, како спортско здружение сакаме да укажеме дека спортот е дејност која сите не поврзува, сите сме луѓе и треба да си помагаме меѓусебно.
Секој кој сака да учествува е добредојден, освен родители, роднини и пријатели на децата фудбалери, ќе земе учество и нашата сениорска екипа, вели Ташев.
Додава дека учеството изнесува сто денари, и ќе бидат поставени кутии за донации. Ќе се формирале тимови од родители по генерации 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018, 2019 и 2020 година.
Следувале и награди за најдобар родител/роднина голман, најдобар играч и награди за прво, второ и трето место.
Од клубот упатуваат отворена покана до сите граѓани кои сакаат да учествуваат, со цел да се вклучат што е можно поголем број на учесници, а заедницата уште еднаш да ја покаже својата сплотеност и хуманост.
Вики Клинчарова
Децата фудбалери во Неготино ќе ги заменат улогите со родителите: Масовен солидарен фудбалски турнир за помош на Лилјана!
2 Mins Read

