Синоќа во Струмица се одржа 9-то издание на манифестацијата ,,Убави сме, свои” сме. Настанот ја носи пораката за прифаќање на различностите и е во организација на Здружението за помош и поддршка за лица со Даун Синдром – Вера.
Секоја година на моднатa писта чекорат познати личности од јавниот живот, од естрадни уметници до политичари, заедно со децата со попреченост.
Годинава на пистата се појави и новиот струмички градоначалник Петар Јанков, кој истакна дека Општина Струмица за настанот и за здружението Вера секогаш ќе дава целосна поддршка.
-Бев дел од преубава манифестација, која девет години по ред ја испраќа најсилната порака, дека убавината е во различноста, во храброста и во љубовта со која чекориме низ животот.
„Убави сме свои сме“ е многу повеќе од модна ревија, тоа е движење и глас за човечноста, достоинството и прифаќањето. За овој настан и за Здружението „Вера“ Општина Струмица и понатаму ќе дава целосна поддршка.
Да ја негуваме емпатијата, да го славиме различното и да создадеме општество каде секој човек има свое посебно место, објави Јанков.
Манифестацијата која стана традиционална и секоја година се повеќе расте, е по иницијатива и во организација на Анче Туфекџиева од здружението Вера, мајка на Верче, која е дел од учесниците. Мајката и ќерката со своите активности и иницијативи, имаат голем удел во подигањето на јавната свест за прифаќање на различностите во земјава.
Вики Клинчарова
ЗНАЧАЕН НАСТАН ВО СТРУМИЦА: ДЕВЕТ ГОДИНИ ПО РЕД СЕ ИСПРАЌА ПОРАКАТА ДЕКА УБАВИНАТА Е ВО РАЗЛИЧНОСТА!
2 Mins Read

