Партијата на пензионери го објави својот став околу покачувањето на пензиите. Во јавно објавеното обраќање по повод случувањата со пензиите, од партијата потенцираат дека треба да се донесе Закон за минимална пензија, но исто така посочуваат дека моменталниот метод на линеарно усогласување на пензиите, не постои во регионот и Европа.
Во прилог, во целост ставот на Партијата на пензионери:
Партијата на пензионери, како политички субјект кој за свој основен фокус го има добро битот на големата пензионерска популација во земјата, од своето формирање постојано нагласува дека правото на пензија е темелно и неотуѓиво право на пензионерите стекнато со долгогодишен труд и уплатата на соодветните придонеси, и истото е заштитено со Уставот на државата, како и со други прописи.
Во секоја современа и суверена држава (како што е Македонија), пензискиот систем е еден од основните социјални столбови на сите општества. Со оглед на тоа моменталните политички “препукувања” околу сегашната и идната финансиска состојба на ПИОМ предизвикува загриженост кај огромен дел на пензионерите чија животна егзистенција зависи од нивните пензии.
Со оглед на тоа што пензиите се основен приход на мнозинството на пензионери, одржувањето и менаџирање на стабилен пензиски систем и обезбедување на пензија за достоен живот на оваа група на граѓани преставува основна задача на сите Влади, без обѕир на нивната политичка провиниенција.
Имајќи во предвид дека постои група на пензионери со крајно минимални пензии, Партијата на пензионери подолг период се залага за донесување на Закон за минимална пензија со кој треба да им се обезбеди материјална сигурност на примателите на овие пензии. Поради тоа принципот на линеарно усогласување на пензиите, како и да звучи тоа во овој момент, го сметаме за “дискриминирачки” кон поголем број на пензионери и потенцијална закана за нарушување на пензискиот систем во иднина, а кој се надградувал повеќе од 80 години.
За потребата да им се помогне на пензионерите со ниски пензии, ПП се залага за донесување на Закон за минимална пензија, со кој ќе се уреди минималната пензија да изнесува најмалку 70% од минималната плата, а просечната пензија до 60% од просечната плата. Паралелно, како дополнителна мерка, предлагаме од Буџетот на државата, од средствата наменети за социјална поддршка, да се издвојуваат средства за доделување посебен поединечен паричен додаток на корисниците на пензии кои не остваруваат други приходи освен пензијата, како што се додаток за годишен одмор, новогодишни пакети, покривање на дел од трошоците за електрична енергија и други соодветни финансиски механизми.
Со овој предлог се исклучува потребата од менување (перманентно или времено) на Членот 37 од Законот за ПИО, со кој е уреден начинот на усогласување на пензиите, како и заштита на веќе стекнатите права на пензионерите, кои 40 и повеќе години ги плаќале редовно придонесите и данокот од плата, заради што добивале помала нето плата. Исто така спречува да се фаворизираат оние кои манипулирале со основицата за пресметка на придонеси за пензија и должината на стажот, како и кои придонеле за зголемување на обемот на сивата економија во земјата, а со цел лично богатење за сметка и на грбот на работниците.
Партијата на пензионери уште еднаш потенцира дека пензијата е економска категорија која се остварува врз основа на износ на уплатени придонеси за ПИО и должина на стаж. Исто така истакнуваме дека законодавецот во методологијата за пресметка на првиот износ на пензија предвидел принцип на генерациска солидарност, врз основа на кој утврдениот износ, ако е помал од износот на минимална пензија, по сила на закон се усогласува до тој износ, како и дека со Законот за ПИО не се врши зголемување туку усогласување на пензиите сразмерно со порастот на трошоците на живот и порастот на платите.
На крајот истакнуваме дека моменталниот метод на линеарно усогласување на пензиите, НЕ постои во регионот и Европа.
Искрено се надеваме дека сите пензионери ќе сфатат дека краткорочните бенефити можат да придонесат за евентуални долгорочни проблеми за сите нас но и за сите идни генерации на пензионери а тоа се нашите деца и нивните поколенија.
Партија на пензионери.
Деск

