Поради големиот јавен интерес за случајот, Основниот суд во Кавадарци ги објави деталите од пресудата на српскиот турбо фолк пејач Аца Лукас, кој пред десеттина дена беше приведен за време на неговиот настап во угостителски локал во градот.
Случката предизвика големо јавно внимание во целиот регион, а самиот музичар и неговиот менаџер дури обвинуваа дека власта води хајка против него и неправдено му бил прекинат настапот на кој во градот промовираше своја криптовалута – Токен Лукас.
Како што е наведено во судската пресуда, естрадниот уметник Александар Вуксановиќ (Аца Лукас), со завршено средно музичко училиште, разведен, татко на четири деца, кој досега бил прекршочно неосудуван, бил виновен, бидејќи дошол во земјава на настап, и го прекршил Законот за странци.
Му била изречена глоба од 50 евра, односно 3.050 денари, бидејќи не обезбедил потребни дозволи за настапот.
-Обвинетиот остварил легален влез во земјава, пристигнал во кафе барот во Кавадарци, ги оставил таму музичарите, и се упатил на ручек во Винарската визба Тиквеш, а потоа во хотелот Фени каде бил сместен.
Во 22.30 часот дошол во барот и го започнал својот настап, а за време на настапот била извршена контрола од страна на инспектори од ДПИ, УЈП, како и од државниот трудов инспекторат.
Во изјавата дадена од страна на Лукас, тој кажал дека не знае дали за настапот се обезбедени потребните дозволи, бидејќи организацијата била препуштена на правно лице, помеѓу другото е наведено во пресудата.
Исто така, судот ги ценел олеснителните околности, односно примерното однесување на обвинетиот, и тоа што за организацијата на настапот било ангажирано правно лице, а Лукас не ги обезбедувал потребните дозволи непосредно.
Инаку, за време на викендот беше приведена уште една естрадна уметничка во земјава, односно како што соопшти МВР, пејачката Џејла Рамовиќ од БиХ и нејзиниот бенд настапувале во локал во Кичево без потребните дозволи.
В.К.

