Во период кога се актуелни обвинувањата на опозицијата дека власта ќе носи мигранти во земјава, и демантите на државниот врв дека такво нешто нема да се случи, ви ја пренесуваме приказната на младиот Алираза Куреши – Али, кој е еден од ретките мигранти што наместо во посакуваната дестинација – Германија, на крај решил да остане во Македонија.
Неговата мигрантска приказна која ја раскажа за ВИКИМЕДИА започнала пред повеќе од десет години, кога од родниот Пакистан тргнал кон Германија.
Зад себе го оставил семејството, родителите и братот и сестрата, решен да гради нова иднина и да успее во Европа, со цел да може финансиски да му помага на своето семејство кое живеело во тешки услови.
Но, наместо во посакуваната Германија, во 2017 година тој завршил во Македонија, а кога видел како се живее овде, премногу му се допаднало и решил да остане засекогаш.
Денес живее во скопско Визбегово, има 28 години и работи како преведувач за повеќе јавни институции и организации. Алираза го запознавме пред една година, а денес повторно разговаравме со него, и во секој негов збор се чувствува благодарноста што останал да живее во Скопје.
Во разговор за ВИКИМЕДИА, вели дека Македонија за него е прекрасна земја. Државјанство, иако сака, не добил, туку имал привремена лична карта.
Кога тргнал кон Германија, патувањето му било исполнето со препреки. Поминал неколку години во Турција, стигнал до Италија, поминал време и во Грција. Постојано бил депортиран и се уморил од се.
-Кога дојдов во Македонија, се уште целта ми беше Германија, но по некое време поминато овде, сфатив дека ова е прекрасна земја во која можам да изградам добар живот, раскажува Али, кој течно зборува девет јазици. Неговото познавање на различни јазици, помеѓу кои индиски, урду, пашто, фарси, бенгалски, пунџаби, турски, непалски и хиндуко, му овозможило да најде работа во Македонија.
Македонскиот јазик пак, го совладал за помалку од два месеца.
Раскажува дека овде сретнал добри луѓе, стекнал многу пријателства и во изминатите осум години се прилагодил на тукашниот начин на живот. Му недостигало семејството, но неговите блиски се радувале за него, бидејќи знаеле дека е среќен.
-Досега ниту јас сум имал проблем од некого, ниту пак било кој во Македонија имал проблем од мене. Чесно си работам, се трудам да бидам од корист во областа од мојата професија – преведувач. Од остантите мигранти за кои знам, имаше лице од Авганистан, од Мароко и од Сирија, тие исто така останаа во Македонија, и во контакт сум само со еден од нив кој работи како преведувач во Црвениот Крст.
Исто така, би додал дека не разбирам зошто вашиот народ, а и луѓето воопшто во која било земја, имаат предрасуди и страв од нас. Истовремено, и вашиот народ кога оди да работи и да живее во друга земја, исто така е мигрант. Зарем и од нив треба луѓето да се плашат и да ги гледаат со истите очи? Без разлика дали ние одиме нелегално, односно без документи, а тие одат со работна дозвола, сепак сите сме странци во туѓа земја. Сите одиме со иста цел да обезбедиме подобар живот за себе и за нашите семејства. Затоа сметам дека треба да има повеќе разбирање, човечност и почит, наместо предрасуди и страв, вели Алираза.
Додава дека се гледа себе овде и во иднина, и периодов најважна му била работата.
-Уште ми е рано за формирање на семејство, работам, се дружам со пријатели кои одлично ме прифатија и сум благодарен што добив можност за живот во Македонија, иако првично целта ми беше Германија, ни раскажа младиот преведувач.
Вики Клинчарова

