Македонскиот олимписки комитет со голема гордост ја информира јавноста дека Џудо федерацијата на Република Северна Македонија постигна исклучителен и историски успех на 77. Конгрес на Европската џудо унија (EJU), одржан во Лас Палмас, освојувајќи две високи европски признанија.
Џудо федерацијата беше прогласена за „Најдобар европски организатор за 2025 година“, за врвната организација на Европското првенство за кадети и EYOF — настани реализирани со извонреден професионализам, прецизност, висок организациски стандард и посветеност кон сите учесници, што остави силен и позитивен впечаток кај европските федерации.
Дополнително, претседателот на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија, г. Владимир Трпаноски, беше одликуван со престижната награда „Hero of the Year“ од Европската џудо унија — признание за неговото лидерство, визија и континуиран придонес во развојот и промоцијата на европското џудо.
На Конгресот, г. Трпаноски лично го прими признанието „Best European Organiser of 2025“ во име на федерацијата, потврдувајќи го силниот институционален напредок и организациските капацитети на македонското џудо.
Признанието официјално е потпишано од претседателот на Европската џудо унија, д-р Ласло Тот, на 14 декември 2025 година.
Македонскиот олимписки комитет упатува искрени честитки до Џудо федерацијата, целиот организациски тим, волонтерите, судиите, клубовите, институциите и сите партнери кои со својата посветеност, професионалност и тимска работа придонесоа за овој голем европски успех.
„Овие високи европски признанија се силна потврда за квалитетот, кредибилитетот и растечкиот углед на македонското џудо на европската и светската спортска сцена.“
Деск

