На платформата E-Crowd е започната акција за собирање на помош за семејството Наумовски, чиј дом пред околу четири месеци изгоре во пожар. Без кров над главата се останати две деца со нивните татко и баба, а освен финансиска помош за обнова на домот, се бараат и градежни материјали, покуќнина, облека, обувки…

-Семејството Наумоски од селото Железна Река го преживеа најтешкиот момент во својот живот. На 21 август, нивниот дом целосно изгоре во пожар, оставајќи ги без покрив над глава и без основните услови за живот. Самохран татко, Ване со своите две деца – Тони (14) и Стефанија (12) – и бабата Рада (76), денес стојат пред непоимлива загуба и неизвесност. Ване со години сам се грижи за своето семејство.
Од најмали години, децата растат во дух на одговорност и самостојност: Тони уште на пет години го придружувал татка си на работа, а Стефанија се грижела за домот со зрелост над своите години. Поради огромната оддалеченост и недостапност на транспорт, братот и сестрата со години живеат во интернат во Маврово.
Но, трагедијата не ја скрши нивната сила. И покрај шокот, децата остануваат благодарни што се заедно, живи и здрави. Љубовта и блискоста меѓу нив е најсилната потпора за да продолжат да се борат.
Првите кои притекнаа беа пријателите на Ване – собирајќи помош од врата на врата и со свои раце започнувајќи да го обновуваат она што огнот го уништи. Но, потребите се огромни: облека, храна, мебел, постелнина, школски прибор, градежен материјал и финансиска поддршка. Секој гест на солидарност значи надеж. Заедно можеме да им помогнеме повторно да изградат дом и да ја вратат сигурноста што ја изгубија, објави хуманитарната платформа.
Од таму истакнуваат дека средствата се собираат за да му се помогне на семејството Наумоски, кое по пожарот остана без дом, мебел, облека, храна и основни услови за живот. Поддршката е неопходна за обезбедување градежен материјал за обновa на куќата, основна покуќнина, облека и обувки, школски прибор за децата и итна хуманитарна помош.
Семејството е самохранo, живее во рурална и недостапна средина и нема можност самостојно да го надмине шокот и последиците од трагедијата. Секој придонес директно им помага да ја вратат сигурноста и достоинството.
Сите хумани граѓани можат да донираат преку следниот линк:
https://ecrowd.mk/projects/fe9e54fa-3f86-43b0-a66a-48096e55eaf8
Деск

