Пет децении по издавањето на еден од најважните албуми во историјата на рокенролот, Пинк Флојд ја одбележува оваа прилика со специјално издание на “Wish You Were Here”, првпат објавено во 1975 година. Јубилејното издание, насловено “Wish You Were Here 50”, е луксузно, архивско издание со подобрен звук, наменето за колекционери и долгогодишни фанови на бендот, објавија британските медиуми.
Оригиналниот албум е создаден во време кога Пинк Флојд беа на врвот на својата креативна и комерцијална моќ, веднаш по глобалниот успех на албумот “The Dark Side of the Moon”. Иако при издавањето наиде на одредена критичка воздржаност, оттогаш се смета за едно од најличните и емоционално најитензивните дела на бендот, силно обележано со теми на отсуство, отуѓување и загуба.

Централната фигура на албумот останува Сид Барет, поранешниот лидер на групата, чие ментално здравје и ненадејното заминување од бендот длабоко влијаеја на креативниот процес. Неговата ненајавена посета на студиото за време на снимањето на албумот останува една од најзапаметливите епизоди во историјата на бендот и дополнително го зацврсти емоционалниот товар на песни како “Shine On You Crazy Diamond”.
Специјалното издание “Wish You Were Here 50” е достапно во повеќе формати, вклучувајќи луксузен бокс-сет со винил, ЦД-а и Блу-реј диск. Материјалот вклучува ремастеризирана верзија на оригиналниот албум, претходно необјавени демо снимки, алтернативни верзии на песни и повеќеканални микси, вклучувајќи ја квадрафоничната верзија од 1975 година, 5.1 микс од 2011 година и нова Dolby Atmos верзија.
Б.Н.

