Лилјана Коцева, дванаест-годишно девојче од Неготино, за која се сплотија хуманите граѓани од нејзиниот град, но и од цела земја, и за неколку недели ја собраа потребната сума од 13.000 евра, за хируршка интервенција во Турција, наскоро се враќа дома. Како што вчера за ВИКИМЕДИА изјави нејзината мајка Наталија, операцијата во турската клиника поминала без проблем, а докторите биле задоволни од постигнатото.
-Лилјана, која зад себе веќе имаше четири операции, и оваа, последната на колк и колено ја издржа јуначки. Интервенцијата траеше шест часа, а по две до двеипол години, треба да и бидат изведни плочките и штрафовите.
Лекарскиот тим ни кажа дека се поминало во најдобар ред, сите ние сме преблагодарни и се надеваме дека со ова значително ќе се подобри мобилноста на нашата ќерка, вели Наталија.
Таа уште еднаш им се заблагодари на сите граѓани кои го споделуваа апелот за донации, а и кои донираа, секој во рамки на своите можности, со што потребната сума се собра за значително краток временски период.
Вели дека секој еден кој на било каков начин се вклучил во оваа животна приказна, оставил траг во нивните животи, а мобилизираноста на граѓаните и нивната желба да помогнат, за неа бил најголемиот доказ дека силата е во заедништвото.
Вики Клинчарова
СЕКОЈ ОД ВАС ОСТАВИ ТРАГА ВО НАШИОТ ЖИВОТ: МАЈКАТА НА ЛИЛЈАНА СЕ ЗАБЛАГОДАРИ ПО УСПЕШНАТА ОПЕРАЦИЈА
1 Min Read

